Издавачката куќа „Антолог“ го најавува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 12 до 15 октомври, под слоганот „„GENRESIS“.
„Дали COVID-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега? Вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото? Втор GENESIS? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти? Ќе треба да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана? Нови GENRES?“, се само дел од прашањата кои ги поставува овогодишното издание на книжевниот фестивал.
Од „Антолог“ истакнуваат дека европската литература како никогаш досега посегнува по своите деконструирани и раскршени крилја.
„Затоа, ќе мора да креира, реплицира, колекционира, конгруира. Тука, меѓу дискрепанцата на спротивставените жанрови во настанување или не-станување, се подига нов збор – GENRESIS. Зборот беше почеток, може ли сега да биде – крај“, велат од „Антолог“.
Оваа година, пред книжевната публика ќе бидат претставени девет автори. Прва е Катарина Винклер од Австрија, која ќе се престави со својот роман „Модар накит“, а потоа следи еден од најпродуктивните и најквалитетните македонски писатели – Влада Урошевиќ. Трет е наградуваниот црногорски автор Огнен Спахиќ, чии книги се преведени на десетина јазици, а во Скопје ќе гостува и исландскиот романсиер и поет Сјон, книжевна ѕвезда во европската литература.
Пред македонската публика ќе се претстават и Миодраг Мајиќ од Србија, познатиот двигател на промените во српското правосудство и автор на два врвни и омилени романи, косовскиот автор Балсор Хоџа кој има напишано неколку книги и познат и влијателен публицист, но и хрватската писателка и драматург Марина Вујчиќ, која е подеднакво активна и во театарот и во книжевноста, а моментално ја извршува функцијата директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит.
Во рамки на „Букстар“ ќе гостуваат и шведската романсерка Софија Лундберј која стана позната преку нејзиниот роман „Црвениот адресар“, како и хрватската писателка Михаела Гашпар.
Од „Антолог“ информираат дека во фокусот на фестивалот ќе бидат промоциите на гостите автори, а надополнуваат дека покрај настаните од главната програма, ќе биде организирана и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“.
„Ќе бидат организирани и настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, како и Саем на европската литература“, велат оттаму.
Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.
Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат. За време на фестивалот, ќе бидат почитувани сите протоколи и заштитни мерки за превенција од ширење на КОВИД-19.
Сите фестивалски активности и целосната програма се достапни на официјалниот настан на „Фејсбук“.