Вечерва, 15 јули, е петтиот ден од фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ). Со почеток од 19 и 30 часот во просториите на МКЦ ќе може да се погледат вкупно седум филмови, а фестивалската вечер ќе заврши со концерт на „СИЗ“.
Прв ќе се прикаже „Надвор од сината граница“ (Beyond the blue border) на Сара Неуман кој е филмска адаптација на книгата за млада група пријатели кои сакаат да побегнат од Германската Демократска Република (ГДР), која главно се потопува во стари слики.
Веднаш потоа, со почеток во 20 часот, на платото внатре во Кинотека ќе се прикаже, како што потенцираат од МКЦ, „еден од најгледаните и најскапите филмови на сите времиња во Југославија“ – „Битката на Неретва“ (The Battle of river Neretva). Филмот беше номиниран за Оскар во категоријата за најдобар странски филм, а плакатот за филмот е изработка на Пабло Пикасо.
Третиот филм на петтиот ден од „Синедејс“ кој ќе се прикаже во паркот МКЦ од 20 и 30 часот е „Прошетка“ (The Walk) од Елеонора Венинова, а претставува девојче и нејзина придружничка кои шетаат и разговараат за животот и што се случува по него. Додека пак, „Набљудувајќи“ (Observing) од Јанез Бургер го меша ужасот на реалниот свет со жанровски пристап со цел да покрене прашања за етиката и вината.
Филмот „Сонувачите“ (The Dreamers) на Владимир Петровиќ ќе биде прикажан во кино „Фросина“ од 21 и 30 часот .
„Во време на комунистичка Југославија и во време кога ‘електричната’ музика била проблем за ‘чуварите на јавниот морал’, зашто ширела дух на побуна, четири тинејџерки основаат бенд и ја освојуваат музичката сцена на бивша СФРЈ, рамо до рамо со машките бендови“, велат од МКЦ за филмот на Петровиќ.
Во меѓувреме, надвор во Кинотека филмот „Супстанцата“ (The Substance) од Корали Фаргит ќе ја прикаже супстанцата која е осуда на холивудската опсесија со младоста, но филмот истражува подлабоко, „создавајќи богат лик со симпатична дилема“.
За крај на проекциите, во паркот на МКЦ публиката ќе може да го погледне „78 дена“ (78 days) на Емилија Гасиќ, филм кој го документира животот за време на НАТО бомбардирањето на Србија пролетта 1999 година и ги раскажува приказните за луѓето кои се обидуваат да го одржат секојдневниот живот во време на војна.
Вечерта ќе заврши со концерт на „СИЗ“ кој ќе започне во 11 часот во паркот на МКЦ.
„’СИЗ’ се моќно дуо, кое понекогаш мутира во трио. Типичен доказ дека самоуправувањето функционира! СИЗ гради храбра нова иднина од реликвиите на постпанкот и звучи крајно воодушевувачки и откачено. Ова е музика на која танцувате и музика што ве тера да размислувате. Нема мрзеливи моменти. Оваа музика е соголена до коска и експлодира од идеи“, истакнуваат од МКЦ.
Инаку, билетите за фестивалот ќе бидат по цена од 250 денари, за сите филмови.