Со проекција на документарец, дискусија и изложба, на 8-ми март во кино Фросина во МКЦ ќе се одржи деветтото издание на Вечерите на женски права кои оваа година се одржуваат под пораката „Сега е моментот – Сите за родова еднаквост“.
Како што посочуваат организаторите, Вечерите на женски права се културна алтернатива во одбележувањето на 8-ми Март, како еден од најсветлите датуми во историјата на правата за жените и родовата еднаквост.
На овогодишното издание предвидени се проекција на шпанскиот документарен филм „Граници и ветувања“ (возраст 12+), разговори со Ана Јовковска и нејзините соговорници на тема „Сега е моментот – сите за родова еднаквост!“ и изложба „Признаените vs. невидливите жени“.
Настанот, кој има за цел унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на жените и промоција на родово-одговорните политики, е поддржан од UN Women, Град Скопје и Институтот за човекови права од Скопје, во соработка со Шведската амбасада.