СЕГА, НМСМ и СМР поднесоа измени на Законот за млади до Клубот за младински прашања и политики во Собранието

Националните мрежи на младински организации Коалиција на младински организации СЕГА, Национален младински совет на Македонија (НМСМ) и Сојузот за младинска работа (СМР) денес го поднесоа Предлог-текстот на Законот за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики (скратено Закон за млади) до пратениците од Клубот за младински прашања и младински политики во Собранието.

Предлог текстот е, како што велат, креиран врз основа на широк консултативен процес за измени и дополнување на Законот.

„Во периодот од стапување на сила на Законот, од страна на младинскиот сектор се спроведени четири мониторинг анализи на имплементацијата и индекс за младинско учество преку кој се опфатени локалните механизми. Дополнително, во текот на изминатата година беа реализирани низа алатки за креирање на сеопфатен пакет на измени и дополнувања на законот вклучувајќи национална анкета, регионални фокус групи, национални конференции и работилници. Преку овие алатки се овозможи учество на над 1,000 млади, 80 младински организации и организации за млади како и претставници од државните институции, единиците на локалната самоуправа, локалните младински совети и младински работници“, објаснуваат организациите во заедничкото соопштение.

Тие веруваат дека со предложените измени на Законот за младинско учество и младински политики значително ќе се подобри примената на механизмите за младинско учество како и младинските сервиси кои Законот ги предвидува.

Оттаму велат дека со предложените измени ќе се зајакне функцијата на службениците за млади, ќе се поедностави процесот за воспоставување на локалните младински совети и националното советодавно тело, и ќе се даде фокус на воспоставување на функционални младински центри.

„Ги повикуваме пратениците кои се дел од Клубот за младински прашања и младински политики да отпочнат итна постапка за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики, и да обезбедат транспарентен и сеопфатен процес со вклучување на сите засегнати страни во согласност со собраниската пракса. Воедно го повикуваме Министерството за социјална политика, демографија и млади, како Министерство во чиј ресор спаѓа спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики, да го поддржи процесот и Нацрт-Законот за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики“, велат организациите.

Инаку, Законот за млади беше донесен на почетокот на јануари во 2020 година, но анализите на Радио МОФ, како и анализите на организациите низ годините покажаа дека тој сè уште целосно не се спроведува во пракса.