„Имам уплав од јавен превоз. Небројни пати ми се случило во гужва во автобус да осетам како непознат возбуден маж ми се лепи од позади (еднаш во присуство на мајка ми), или пак дури да ми мастурбира карши мене или буквално исправен до мене додека седам, значи речиси во лице. Имам уплав од ноќниот автобус кон Белград оти ми се случи да се разбудам од допир на задникот и маж надвиснат зад мене, меѓу двете седишта каде што бев легнала. Се преместив, наместо да ги алармирам возачите кои исто сомнително се однесуваа со младите девојки во автобусот, оти и од возачите ми беше страв, па се плашев дека само ќе го истепаат манијакот и ќе испадне дека тие ме „спасиле“, а згора на тоа јас ќе сум виновна за физичка пресметка. Ни во парк одамна не одам. На секое одење наидував на маж што мастурбира“
Под хаштаговите #СегаКажувам #КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj, на иницијатива на активистките за женски права, почнаа да се споделуваат постови на социјалните мрежи во кои жени гласно зборуваат за своите стравови и искуства со сексуално вознемирување на јавен простор.
„Споделете искуство на сексуално вознемирување на јавен простор: непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа коишто сте ги доживеале на улица, јавен превоз, влез во зграда, лифт, такси превоз… Овие исуства се секојдневни, но не смее да бидат нормализирани! Идејата на оваа иницијатива не е само да се споделат овие искуства, туку да се покаже колку тоа влијае врз слободата на нашето движење низ јавните простори, начинот на кој ги користиме и колку ги користиме тие јавни простори. На пример, дали претрчуваме или се движиме спокојно, дали одиме пешки во куси релации или трошиме пари за такси, дали се преправаме дека зборуваме на телефон кога се чувствуваме загрозени, избегнуваме некои локации, внимаваме како се облекуваме, носиме средства за евентуална самоодбрана и слично“, порачуваат активистките.
Кампањата претставува своевидно продолжување на минатогодишната кампања кога се споделуваат лични приказни за сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ.