„Seine“ настапуваа пред МКЦ  

Без многу најави, помпа или обиди на организаторот за додворување со пошироката јавност, синоќа пред МКЦ се одржа концерт на хрватскиот состав „Seine“, десетгодишниот кантавторски проект на Иван Шчапец.

Само еден бенд, тројца пред немногубројна публика, бесплатна свирка во залез на летото, со активни протоколи. Музика зад која застана култната словенечна етикета Moonlee records, под чија капа објавија и „Bernays Propaganda“, „Repetitor“, „Koikoi“, „Analena“, „Borghesia“, „Bosnian Psycho“, „Debjeli Precjednik“, „In-Sane“, „Žen“… Сега, зад музиката на „Seine“ застана аудиториум и од кај 21:30 часот слушаше концерт на состав што гравитира околу алтертнативниот рок, внесувајќи и свои њу-вејв, нојз и трип-хоп моменти.

Музиката на „Seine“ се потпира и на препознатливиот, навидум лесен глас на Иван. Тој е како дополнителен обликувач на звучната слика, создавајќи истовремено опуштачко и понекогаш кабаретско искуство, интровертно, па затоа и беше целата таа сино-виолетова визуелна поткрепа. Но, музиката има и поетика, и рокенрол бунтовност. Мирно, па бум! Затишје, па понекогаш и бура. За да ја извади публиката од рамно хипнотично патување. Тоа прави музиката паралелно да биде понесувачка, еклектична, да има и жар.

Стиховите во суштина се мрачни, брануваат, често истражувајќи го триаголникот меѓу парите, војната и трансцеденцијата, надвор од оној типичен приказ за „добро и зло“. Не е се’ така црно и бело, исто како музиката на „Seine“.

Бендот го потсети аудиториумот на делови од деби албумот „Sno Sna“, но најмногу со музичкиот раст на „22“, второто издание што наиде на одлични критики од публиката и музичката критика во регионот. На почетокот на 2020 бендот беше номиниран за наградата IMPALA за најдобар европски независен албум. И покрај пандемијата и сите откажани настапи и турнеи, бендот ги помина деновите во студио работејќи на својот трет албум, најавен за есен 2021.

Публиката пред МКЦ почувствува каде би можела да се движи оваа нова приказна на „Seine“.


Бојан Шашевски