Во Музеј на Град Скопје вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба „Сеќавања 2“ со 40 цртежи кои се дел од колекцијата „Галерија Јустина и Родољуб Анастасов / Енформелска лабораторија 5“.
Галеријата е отворена во мај 2012 година со донацијата од 346 дела кои Родољуб Анастасов му ги подари на Музејот. Намерата е Галеријата циклично да го презентира целиот материјал кој го поседува. Во најголем број тоа се цртежи, графики и акварели од сите фази на уметникот.
– Нивната ликовна вредност е несомнена, особено ако се има во предвид дека тие активно партиципираат во формирањето на македонската современа ликовна уметност. Дел од нив се изложувани и инцидентно се репродуцирани, но голем дел се реално непознати и непубликувани. За таа цел предвидуваме сукцесивно да ги изложуваме делата од оваа збирка во рамките на просторот на Галеријата но и на други изложби организирани во нашата држава или во странство, соопшти Музеј на Град Скопје.
Особеност на годинашниот проект кој го носи поднасловот „Сеќавања 2“ е разговорот со Анастасов за периодот од 1959-1966 година кој е објавен во каталогот. Делови од овој разговор ќе бидат прочитани на отворањето на изложбата. Ова е последен дел од циклусот посветен на Енформелската лабораторија. „Галеријата Јустина и Родољуб Анастасов“ ќе продолжи со другите творечки циклуси од авторот кои се во нејзина сопственост.