Минатата година 346 жени ја изгубиле битката со ракот на дојка во Северна Македонија. Меѓутоа, експертите од оваа област нагласуваат дека раното откривање ја спречува болеста, затоа самопрегледите и лекарските прегледи треба да бидат редовни, пишува Порталб.мк.
Во Македонија во периодот од 2017-2021 година, ракот на дојка зазема прво место по бројот на нови случаи на малигни неоплазми кај жените.
Ракот на дојка е и најчестата причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот од 2010-2023 година.
Од 2017 до 2021 година регистрирани се 4.002 случаи на рак на дојка.
![](https://meta.mk/wp-content/uploads/2024/10/1.webp)
Од 2017 до 2021 година, во Македонија од рак на дојка починале 2.234 жени.
![](https://meta.mk/wp-content/uploads/2024/10/2.webp)
Онкологот Весна Атанасовска Колевска вели дека во последно време забележано е зголемување на бројот на заболени од канцер на дојка.
![](https://meta.mk/wp-content/uploads/2024/10/3.webp)
„За жал, фреквенцијата на нови случаи се зголемува насекаде, па и кај нас, а старосната граница е сè помала и помала. Раната дијагностика, односно скринингот е од големо значење за нас бидејќи има голема улога за нас“, рече Колевска.
Радиологот Арѓенд Имери вели дека степенот на здравствена едукација на населението не е задоволителен и остава простор за понатамошна работа во однос на информирањето за ракот на дојката.
![](https://meta.mk/wp-content/uploads/2024/10/4.webp)
„Единствен признаен начин од Светската здравствена организација кој ја намалува смртноста од болеста е раното откривање на болеста и тоа се прави само со редовни и периодични прегледи“, рече Имери.
Во светот месец октомври е познат како месец за подигање на свеста за ракот на дојка, експертите од оваа област велат дека „борбата“ со оваа болест е секојдневна.
„Кампања не треба да има само во месец октомври, туку во текот на целата година, бидејќи знаеме дека ракот на дојка е најчеста причина за смрт кај жените и на него треба да се внимава не само во месец октомври, туку во текот на целата година“, вели Колевска.
Министерството за здравство започна национална кампања „Розевиот караван на октомври – превенцијата е најдобра заштита“.
Главна активност на кампањата е одржувањето на јавни трибини модерирани од панелисти експерти, лекари во јавните здравствени установи низ државата, со цел подигање на свеста за важноста од превенција и рана дијагноза на ракот на дојка.
Во рамки на кампањата ќе бидат организирани едукативни сесии, збогатени со промотивни едукативни материјали и консултации со експерти, како и пријавувања на веб страната https://skrining.zdravstvo.gov.mk/home , со цел на жените да им се обезбедат информации и поддршка за редовни превентивни прегледи.
Во продолжение е распоредот на трибините кои ќе ги модерираат лекари – специјалисти од оваа област, кои се членови на националната комисија за скрининг на рак на дојка.
- На 17 октомври, во Клиничката болница во Штип – 13:30, Д-р. Јасмина Чабуковска
- На 18 октомври, во Општата болница во Кавадарци – 13:30, Д-р. Светлана Темелковска.
- На 21 октомври, во Општата болница во Струга – 13:30, Д-р. Маја Јакимовска – Димитровска.
- На 25 октомври, во Општата болница во Kуманово – 13:30 Д-р. Маја Јакимовска.
- На 28 октомври, во Клиничката болница во Битола– 13:30, Д-р. Тања Петровска.
- На 29 октомври, – во 13:30 часот, сала на Општата болница во Велес, Д-р. Тања Петровска.
Во 2022 година во светот на 2,3 милиони жени им е дијагностициран рак на дојка, а 670.000 починале.
Се препорачува секоја жена над 25 години да направи скрининг еднаш годишно, а за жените над 40 години два пати годишно.
Иако ретко, ракот на дојка е регистриран и кај мажите, односно околу 1% од случаите на рак на дојка се регистрирани кај мажите.