Секој десетти Македонец, односно 11% не веруваат во постоењето на Ковид-19, 3% не знаат дека вирусот постои, додека во постоењето на Ковид-19 веруваат 86% од граѓаните, ова го покажуваат наводите во истражувањето, кое беше спроведено на барање на Владата во однос на јавното мислење и ставовите на јавноста за процесот на имунизација од Ковид-19.
Истражувањето кое е направено на примерок од 1.100 граѓани во периодот од 8 до 16 март, исто така покажува повеќе од половина од граѓаните, односно 51% се подготвени да се вакцинираат, 18% од нив се уште не донеле одлука, додека 28% одговориле дека нема да се вакцинираат против Ковид-19.
„Најголема заинтересираност за вакцинација може да се забележи кај граѓаните 50+ наспроти помладата популација“, стои во наодите на истражувањето.
Како најпреферирани вакцини за имунизација се издвојуваат вакцините „Спутник В“, односно со таа вакцина би се вакцинирале 65% од испитаниците, со „Фајзер“ би се вакцинирале 61% и со „Синофарм“ 50%, се додава во истражувањето.
Кај останатите три вакцини пак, процентот за подготвеност за вакцинација е помал, па така, со вакцината на „Модерна“ би се вакцинирале 38 отсто од испитаниците, со вакцината на „Џонсон и Џонсон“, 36 отсто и со вакцината на „АстраЗенека“, 34 отсто.
„Нуспојави од вакцината/несакани ефекти (52%), безбедноста на вакцината (50%), ризици (44%) и времетраењето на обезбедената заштита на организмот од вирусот (43%) се податоци кои граѓаните најмногу би сакале да ги знаат пред да ја изберат вакцината со која би се вакцинирале“, се додава во истражувањето.
Околу 57% од нив сметаат дека вакцинацијата е најсоодветна заштита на популацијата, додека околу две третини од граѓаните сметаат дека вакцинирањето треба да биде доброволно. Од друга страна пак, 33% од нив сметаат дека вакцинацијата треба да биде задолжителна.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека повеќе од половина, односно, 73% од испитаниците немаат прележано Ковид-19, ниту тие лично, ниту некој од нивното семејство. Истовремено во истражувањето се наведува дека 40% од испитаниците се загрижени дека ќе се разболат од вирусот, а приближно една третина од нив се донекаде загрижени дека ќе заболат од Ковид-19.
Од испитаниците, повеќе од една третина, односно 37% се согласуваат со најголемиот дел од мерките донесени од Владата за справување со Ковид-19, а најголема согласност за тоа се забележува кај испитаниците на возраст од 60 до 69 годишна возраст.