Во земјава во изминатата 2019 година биле создадени 915.943 тони комунален отпад, односно по 456 килограми по жител, што е за 10.7% повеќе од истото количество од 2018 година, покажа најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Вкупното количество на собран комунален отпад во Македонија било 632.484 тони, што значи дека лани 283.459 тони отпад не бил собран – завршил на диви депонии, ако се земе предвид дека 22 отсто од вкупното население не користи комунални услуги за собирање отпад.
Според ДЗС, најголемо количество на собран комунален отпад имало во Скопскиот регион – 164 971 тон, или 26.1 % од вкупното количество во државата.
„Од вкупното количество на собран комунален отпад, 522 983 тони или 83 % се собрани од домаќинствата, а останатите 17 % од правни и физички лица (комерцијален отпад). Според видовите, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 542 664 тони или 85.8 %, а најмало количество отпадот од гума – 778 тони или 0.1 % од вкупното количество собран комунален отпад“, соопштуваат од ДЗС.
Пресметките на ДЗС велат дека најголемото количество на собран комунален отпад (99.7 %) се исфрла на депонија.
Инаку, гледано на локално ниво, ЛЕАП-от на општина Центар за 2019 – 2025 покажа дека опстојуваат проблеми во општината и Скопје со диви депонии и има ниско ниво на примарна селекција на оптад. Нема доволно средства за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпадот, а ниска е и свеста на граѓаните за проблемите со отпадот и потенцијалните ризици кон околината.
Исто така, отсуствува простор за поставување садови за отпад и во планските документи. Односно, просторот за поставување собирни садови за комунален отпад не се зема предвид при подготовка на планска документација заради што се поставуваат садови за отпад на пешачки премини, пешачки и велосипедски патеки, сообраќајници, нивно блокирање или непристапност за граѓаните заради пречки од огради, жардињери итн.
Понатаму, не се зема предвид потребниот капацитет собирни садови за комунален отпад, според бројот на жители и дневното создавање отпад по глава на жител, заради што честа е сликата на преполни садови и расфрлен отпад.
Анализата на Радио МОФ покажа и дека контејнерите се празнат еднаш дневно, само во одреден дел од денот. Новите контејнери донесоа нови проблеми, додека дел од камионите на „Комунална хигиена“ со својот габарит немаат пристап на „новопроектирани улици“. Исто така, неформалните собирачи на отпад, најефективните селектори, се уште не се вклучени во официјалниот систем за отпад.
Бојан Шашевски