Наставата во основните училиштa во Аеродром отсега секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, затоа што почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст, најави градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски преку неговата Фејсбук страница.
„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, напиша Муцунски.
Покрај најавата, Муцунски сподели и видео од интонирањето на македонската химна во основното училиште „Лазо Ангеловски“.
Инаку, иста ваква пракса беше воспоставена во основните училишта во општината уште во 2015 година.