Зголемените цени повеќе ги загрижуваат потрошувачите отколку војната во Украина или пандемијата со коронавирусот. Речиси секој трет човек во Германија се плаши дека ќе мора да го промени својот животен стил. Ова е резултат од ново истражување на јавното мислење спроведено од консултантската фирма „Мекинзи“, пренесува „Данас“.
Околу 40 отсто од околу 1.000 испитаници наведоа дека нивната најголема грижа моменталното е инфлацијата, 34 отсто ја наведоа руската инвазија на Украина, а само 8 отсто пандемијата. Речиси една третина од испитаниците или 29 отсто стравуваат дека поради растот на цените ќе мора да го ограничат својот начин на живот во некои области.
Стравот од пораст на цените особено ги погоди луѓето со пониски примања. Две третини од испитаниците очекуваат пораст на цените и во наредните 12 месеци.
„Две години од коронавирусот оставија свој белег, но сега луѓето, поради инфлацијата и руската инвазија на Украина, станаа попесимисти од било кога досега“, рече експертот од „Мекинзи“ Маркус Јакоб.