Речиси половина од македонските ученици (46%) изјавиле дека биле жртви на насилство. Децата што најчесто се изложени на насилство се повлечени и интровертни, потекнуваат од сиромашно семејство или станува збор за деца со попреченост, додека доминантен профил на сторители на насилство се деца од богато семејство, додека според родителите и наставниците најчести сторители се хиперактивните деца.
Ова се податоци од национално истражување во кое учествувале преку 1.600 ученици, наставници и родители кои вчера беа споделени на настанот „Правата на децата во нашите училишта“, кој го организираа Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во партнерство со Народниот правобранител по повод Светскиот ден на детето.
Истражувањето покажало и дека повеќе од третина од учениците (37,2%) сметаат дека одговорните служби во училиштето не реагираат целосно соодветно и навремено на случаите на насилство.
Дополнително, од Фондацијата „Чекор по чекор“ споделија дека повеќе од една третина од учениците (34,3%) се соочиле со прекршување на некое право во своето училиште, а 33,6% од учениците изјавиле дека знаат за прекршено детско право на некој соученик/ка или близок роднина. Според учениците, најчесто прекршувано право е правото на донесување одлуки, правото на децата да кажат што мислат и правото за заштита од насилство.
Само нешто над половината од учениците (57%) изјавиле дека во нивното училиште редовно се избира ученички парламент, 28% дека не се информирани околу изборот на ученички парламент, додека 60% изјавиле дека во нивното училиште нема, или не знаат дали има ученички правобранител.
На настанот кој ја одбележа и 30 годишнината од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето на ОН во земјава воведни обраќања имаа Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“ која се осврна на три децениската работа и заложба на Фондацијата за правото на квалитетно образование за сите деца во државата, додека Васка Бајрамовска-Мустафа се задржа на работата на Народниот правобранител.
За истражувачките наоди, заклучоци и препораки зборуваа Елизабета Марковска Спасеноска, истражувачка, како и проектните менаџерки Сузана Пецаковска и Наташа Анѓелеска.
Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Децата на 1-во место!“ финансиран од Европската Унија.