Сексизам и дискриминација во збирка поезија на Агенцијата за млади и спорт

Стихови со сексизам и албанофобија можат да се најдат во дел од песните од збирката поезија од проектот „Млади поети“, публикација издадена од Агенцијата за млади и спорт, која викендов беше објавена како прилог на дневниот весник Нова Македонија.

Уредник на публикацијата, испечатена во тираж од 5.000 примероци, е директорот на Агенцијата, Дарко Каевски.

Двете песни кои наидоа на револт на социјалните мрежи, едната насловена „моите соседи“, а другата „партиски вработена“ се напишани од Даниел Пиљаковски.

Од Агенцијата за млади и спорт признаваат дека во публикацијата е објавена содржина која содржи недолични елементи и дискриминација, но посочуваат дека тие немале увид во содржината.

„Изборот на песни кои се објавуваат го направи надворешна комисија, која требаше да направи соодветна селекција, при што АМС нема увид во содржината. Агенцијата за млади и спорт се оградува од содржина која содржи дискриминација и смета дека е недолична. Во тек е истрага за утврдување на фактите и причините кои довеле ваквата содржина да биде објавена, после што јавноста ќе биде информирана за мерките и одговорноста кои ќе се преземат“, стои во објавата на фејсбук страната на АМС.

Во одговорот од Агенцијата посочуваат дека тие се противат против било каква форма на дискриминација.

 

Каевски: Чувствувам морална и професионална одговорност за недоличните песни, не сум ја прегледал содржината