Кога на својот личен Фејсбук профил, Рита Бехадини се спротистави на статус од верско лице, односно оџа од Сарај, поврзан со улогата на жените во општеството, таа се соочи со лавина од негативни коментари, но и експлицитни закани по живот.
„Тоа секогаш се случува кога пишувам за родови прашања“, вели Бехадини за Радио МОФ, дополнувајќи дека најчесто очекува закани и кога пишува новинарски текстови за табу теми, неприфатливи за нашето општество.
Новинарката Бехадини вели поради нејзината професија, со говор на омраза се соочувала и претходно, особено кога пишувала за сексуално образование или религија.
„Не е прв пат за мене што се справувам со говор на омраза, навреди и закани, но сепак, секој пат тоа влијае особено на моето ментално здравје. Овој пат ја пријавив заканата, затоа што сметам дека државата мора да нѐ штити, а на луѓето да им биде јасно дека не можат да пишуваат сѐ на социјалните мрежи. Од февруари имаме и закон што нѐ штити, но законот не се имплементира“, вели таа.
Бехадини вели дека претходно го нормализирала говорот на омраза и навредите, но дополнува дека никој не треба да се соочи со таков јазик.
„Државните механизми не функционираат. Државата не нѐ штити, ни како жени, ни како новинарки. Имаме закони, имаме сѐ на документи, но немаме ништо кога се справуваме со таков говор на омраза во реалноста“, посочува таа.
Кој е крив за омразата и сексизмот што се леат во онлајн просторот?
Сексистички говор на омраза кон младите девојки се шири преку коментарите на новинарските извештаи на социјалните медиуми, кои се плодна почва за развивање на родово-базирани злонамерни и вознемирувачки содржини. Основата за креирање на ваквите содржини најчесто се новинарските објави, па за нивното спречување значајна е улогата на медиумите и нивното известување, а особено регулирањето на коментарите на новинарските извештаи на социјалните медиуми.
Ова го покажува анализата на родово-базирани содржини „Сексистички говор на омраза кон млади девојки“, што ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Според авторките на истражувањето, Јована и Бојана Јовановски, содржините што се креираат и се споделуваат во онлајн-просторот сè уште во голема мера се перципираат како безопасни, што придонесува за значајно девалвирање на нивното влијание во физичкиот свет.
Оттука, тие во студијата истакнуваат дека споделувањето невистинити и злонамерни содржини, кои најчесто се вознемирувачки за лицата кон кои се насочени, сè уште се третира како феномен што се одвива изолирано, во еден „нереален“ свет, и како резултат на тоа се амнестираат неговите негативни ефекти во „реалниот“.
„Слободата во однос на анонимноста што ја овозможуваат социјалните медиуми создаде простор што значајно ги охрабри луѓето да ги вербализираат своите мислења и ставови, но и да креираат невистинити и злонамерни содржини, без страв од одговорност, односно дека ќе бидат казнети“, се вели во истражувањето.
Дополнително, пишуваат авторките, социјалните медиуми претставуваат плодна почва за креирање и ширење родово-базиран говор на омраза и родово-базирано вознемирување, најчесто преку перпетуирање родови стереотипи во онлајн-просторот.
„Токму затоа, социјалните медиуми се и еден од клучните инструменти на антиродовите кампањи, преку кои се шират родови дезинформации, но и преку кои се напаѓаат и се повикува на линч на жени во јавниот живот, заради ограничување и обесхрабрување на нивното учество во јавната сфера“, пишуваат авторките.
Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт за Радио МОФ вели дека секој оној кој бил на било кој начин бил жртва на говор на омраза или онлајн сексизам, носи длабоки повреди во себе и честопати не знае како да ја адресира оваа повреда во дисрегулираниот онлајн простор.
„Се повлекува, често пати се случува постепена ерозија на его-силите и губење на самодоверба. Се појавува анксиозност и фобичност до депресивност. Понекогаш и пострауматско-стрес растројство, кој знае да е препокриено со одредено зависничко однесување, па сѐ до тенденции на самоповредување и самоубиство. Честопати, оние кои се изложени на контринуиран говор на омраза и самите во обид да си го спасат животот, посегнуваат да повредат и да ја земат неправдата во свои раце“, вели таа.
Според Живановиќ, многу е значајно во кој период на психофизичкиот развој се случува ваквата онлајн злоупотреба и насилство.
„Младите сѐ уште недоволно се запознаени со ризиците на онлајн однесувањето, и честопати ги игнорираат или не пријавуваат за повредите. Невнимателноста и изгубеноста на возрасниот свет, како и повредата што ја прави, силно влијае и врз податоноста на младиот на ваков тип на злоупотреба и исмејување“, посочува психологот.
Социјалните мрежи како ѓубриште на потсвеста
Живановиќ се надоврзува дека високото ниво на стрес од секојдневието, пронаоѓа филтер во користењето на социјалните мрежи, па вели дека тие стануваат ѓубриште за сѐ она што сакаме да го искомуницираме, а понекогаш се плашиме.
„Не сум сигурна дека имаме култура за онлајн комуникација и сме свесни како се пренесува коментарот на другата страна. Мислам дека сите си гледаме во сопствените огледала и многу малку размислуваме како другиот би разбрал. Честопати коментирањето е на нивно на компулсија и не многу размислуваме и што коментираме, а честопати е чист конформизам со сѐ она што се коментирало претходно со цел да бидеме прифатени, доколку тоа е нашата потреба“, објаснува психологот.
Според комуникологот Сеад Џигал, во природата на човековата комуникација е да нѐ привлекуваат таканаречените „афективни“ пораки, кои покрај информација, пренесуваат и одредена силна емоција, пораки кои нѐ раздразнуваат или предизвикуваат страв или емотивни реакции.
„Денешните медиуми ги имаат усовршено техниките за креирање и ширење на вакви содржини кои се покажуваат и како најпосетувани, кликани и споделувани, а со тоа и најпрофитабилни. Како корисници мора да внимаваме да не бидеме жртви на вакви експлоатациски модели на медиумите, каде лесно се злоупотребуваат нашите чувства и емоционалност заради профит, сензационализам или некаква идеолошко-политичка манипулација“, објаснува тој.
Комуникологот Џигал посочува дека поради ниската медиумска и политичка култура во Македонија и регионот, различните манипулатори лесно предизвикуваат тензии и поларизација преку ширење на пораки полни со омраза, нетолеранција, стереотипи и дезинформации.
„Сѐ додека овие манипулативни техники даваат ефект злонамерните поединци и групи ќе продолжат да ги користат како средство за своите цели. Наша одговорност и обврска како граѓани и општество е да се спротивставиме, особено преку соодветно санкционирање и едукација“, забележува тој.
Според резултатите на Европското општествено истражување, Македонците спаѓаат во високиот просек по поминато време слушајќи вести на дневно ниво, односно околу два часа.
Живановиќ посочува дека приемот на негативни информации, на катастрофични сценарија силно влијае на гледањето на светот.
„Светот е едно темно, негативно, и непријатно место. Начинот на кој се носат информациите, со сензационалистички наслови, или вести за ирелевантни информации, силно влијаат на што ќе се фокусираат и младите и возрасните. Она што е во фокус е она што е реално. Според тоа, многу значајно е и како медиумите ги креираат и пласираат информациите. Од друга страна публиката стана свој медиум, и се препознава една тенденција од сѐ да се прави настан и спектакл“, вели таа.
Оттаму, забележува таа, ваквата ситуација зборува за тоа колку онлајн просторот прераснува во агора на изразувањето кое можеби не може да најде простор во реалниот свет.
„Креацијата на комуникациските простори веќе е вон наша контрола. Она што ние како родители и возрасни треба да го јакнеме е нивниот критички дух во однос на сѐ она што се пласира. Воедно не треба да бидете дотолку строги и да ги пренесуваме нашите катастрофични разбирање на светот на младите кои ги раснеме“, вели таа.
Во истражувањето „Сексистички говор на омраза кон млади девојки“ анализирани беа над 1.500 коментари на новинарски извештаи на Фејсбук за два случаи – двете исчезнати малолетнички во Чаир и двете исчезнати девојчиња во Центар, во периодот од март до мај 2023, случаи избрани поради содржината на коментарите што тие ги предизвикаа на социјалните медиуми.
Апелите за помош, особено кога станува збор за исчезната личност се деликатен процес. Емпатијата игра голема улога во споделувањето. Но има ли ова добронамерно споделување на лични податоци свои ризици, што ако не станува збор за исчезнување, туку напуштање на несоодветна средина?
Коментирајќи за овој феномен, комуникологот Џигал посочува дека постпандемиски, социјалните мрежи се наметнаа како примарна сфера за јавно комуницирање.
„Во случајот на апелите за помош многу е важно да се утврди и провери дали семејството или блиските на одредено лице за кое се апелира за помош е информирано и дали тие дале согласност за јавно објавување и апел. Потребно е да се провери и со стручни и надлежни лица пред да се иницира поширока јавна кампања и апел за помош. Лесно може да се случи наместо да помогнеме всушност да одмогнеме во вакви случаи во особено чувствителни ситуации за другите“, вели тој.
Џигал се надоврзува дека на социјалните мрежи често се објавуваат лични и приватни информации кои можат да наштетат некому.
„Младите, на пример, наместо да се советуваат со своите родители, пријатели или стручни лица, бараат совети на социјалните мрежи и дискутираат за приватни и интимни прашања кои некој може да ги злоупотреби. Затоа треба сите многу да внимаваме, особено професионалните медиуми и новинарите, дали некоја макар и добронамерна објава може да загрози нечива приватност или безбедност“, вели тој.
Има ли во авионот пилот?
За случајот со новинарката Бехадини, своевремено стигна реакција и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Оттаму посочија дека експлицитната закана по животот на новинарката Бехадини е пријавена до Министерството за внатрешни работи (МВР) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.
Солидарно со ЗНМ, реакција испрати и Платформата за родова еднаквост, посочуваќи на истражување на ПИНА, според кое над 81% од 103 анкетирани новинарки во земјава досега се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа, најчесто преку социјалната мрежа Фејсбук, каде што и Рита ги добива заканите.
„Содржината на вознемирувањето најчесто претставува говор на омраза, сексизам, шовинизам и закани за живот. … Во време кога родово базираното насилство во реалноста останува несанкционирано, дигиталното насилство сè повеќе се зголемува. Така, овие закани се упатуваат со единствена цел да ги уплашат и обесхрабрат оние кои се залагаат за подобар свет“, стои во реакцијата на Платформата.
„Јас сѐ уште немам никаков одговор од државните институции за тоа што е направено по моето пријавување на заканата. Исто како и јас, многу други жени не му веруваат на системот“, вели Бехадини.
Авторките на истражувањето посочуваат дека родово-базираниот говор на омраза и родово-базираното насилство во онлајн-просторот сè уште не се недоволно препознаени од страна на релевантните институции.
Тие истакнуваат дека и покрај дефинирањето на сексуалното вознемирување преку интернет во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и неговото неодамнешно криминализирање, сепак сè уште се соочуваме со негово непрепознавање и не(соодветно) постапување, иако родово-базираниот говор на омраза е препознаен од страна на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Авторките Јовановски истакнуваат дека во однос на регулирањето на „говорот на омраза“ од кривичен аспект, неколку кривични дела во Кривичниот законик се поврзани со говорот на омраза, но иако овој феномен е препознаен во Кривичниот законик во битието на некои кривични дела, не постои посебен член што директно го инкриминира како посебно кривично дело.
„На целата низа недоречености и недостатоци во правната рамка се надоврзува и недостигот од регулација на говорот на омраза во онлајн-просторот. Ваквиот недостаток се отсликува и во судската практика, каде што се среќаваме со неефективно гонење на сторителите и значително мал број пресуди за говор на омраза. Така, на пример, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи е единствената институција што има пристап до механизмите за собирање докази во онлајн просторот, но постапката за лоцирање на сторителите е бавна и повеќето постапки траат предолго и завршуваат со неуспех“, се вели во студијата.
Па така, пишуваат авторките, недостига превенција на говорот на омраза, бидејќи ако еден феномен не е препознаен и регулиран, не можеме да имаме ниту податоци за неговата сериозност, последиците што ги предизвикува и потребата за негова превенција.
Токму поради ваквата општествена ситуација, Хелсиншкиот комитет ја создаде платформата www.govornaomraza.mk, каде освен информации за говорот на омраза, истиот може да се пријави.
Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права, за МИА вели дека од почетокот на годинава, а заклучно до крајот на јули, на платформата биле регистрирани 568 пријави, од кои 41 пријава се однесуваат на говор на омраза врз основа на род и пол.
Што се однесува на социјалните медиуми, нивната регулација е речиси непостоечка, забележуваат авторките.
Во февруари годинава, Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик со кои се воведе кривичното дело „Демнење“ со кое се инкриминира сексуалното вознемирување, а во делот за заштита на новинарите се воведоа построги казни за за кривичните дела „Убиство“, „Присилба“, „Загрозување на сигурноста“ и „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ доколку овие дела се сторени кон новинари или медиумски работници.
Според членот 16 од Кривичниот законик, кривичното дело „Демнење“ е казниво за оној што „повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице“.
Говорот на омраза, сексизмот и мизогинијата извираат од социјалните мрежи, па европското законодавство од 2018 година го адресира проблемот, велат авторките, посочувајќи дека земјава преку Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги веќе работи на регулации, но во земјава се уште нема регулација, освен Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во кој се опфатени со терминот „електронски публикации“ како медиуми преку кои може да се извршат навреди и клевети, ова не важи и за говорот на омраза.
Можна ли е регулација на социјалните мрежи?
Комуникологот Џигал се надоврзува дека регулирањето на онлајн говорот на омраза засега е невозможен поради децентрализираната структура на интернетот и социјалните мрежи каде регулацијата и забраните многу лесно можат да се заобиколат.
„Сепак, треба да се каже дека, на пример, во ЕУ е присутен засилен процес за регулирање на одредени аспекти од користењето на интернетот и на социјалните мрежи, во контраст со САД и останатите делови на светот. Некои од нив се GDPR – ‘General Data Protection Regulation’ од 2016 година, DMA – ‘Digital Markets Act’ од 2022 година, и тековните DSA – ‘Digital services Act’ во делот на е-комерцијата, и EMFA – ‘European Media Freedom Act’, за заштита на медиумските слободи“, вели тој.
Џигал посочува дека сѐ почести се казните за големите онлајн гиганти, како Мета (Фејзбук), Алфабет (Гугл) и други со цел да се заштитат одредени права на корисниците или на државите.
И тој потврдува дека интернетот и социјалните мрежи не се директно регулирани во Македонија и во најголем дел од регионот, но се опфатени со други закони и регулативи од кривичната и прекршочната правна рамка.
„Некои обиди за директна регулација, како на пример во соседна Република Албанија, предизвикаа жестоки реакции поради стравување на загрозување на слободата на говор и граѓанските слободи, така што веројатно најдобрата формула во овој стадиум би била саморегулацијата комбинирана со одредени превентивни ко-регулациски решенија донесени во блиска координација на институциите со медиумските здруженија и граѓанските организации за да се минимизираат можните злоупотреби“, вели комуникологот.
Џигал смета дека во оваа фаза на развој, правната рамка е солидна, а дополнува дека одредени аспекти, зависно од нашите локални околности и искуства, можат сегментарно да се подобруваат и постапно да се усогласуваат со правниот систем на ЕУ, особено во делот на заштита на приватноста, човековите права, е-комерцијата и е-бизнисот, и сл“.
Текст: Ивана Смилевска
Инфографик: Мартин Колоски