Сексуалното насилство преку слики и дипфејкот земаат многу жртви, а кај нас уште не се инкриминирани

85% од жените во светот веќе се соочиле со некаква форма на дигитално насилство, а 13,3% тоа го искусиле до својата 15-та година. За разлика од домот, работата и улицата, дигиталниот простор нуди неограничена можност и полесен пристап за сторителите на насилство. Сексуалното насилство преку слики/видеа или аудио содржини е директна последица на брзиот технолошки развој, а ситуацијата се усложнува со појавата на вештачката интелигенција со која секој корисник на интернет може лесно да креира лажни слики познати како дипфејк. Дигиталното сексуално насилство во Македонија сè уште не е засебно кривично дело, а истражувањата покажуваат дека не му се обрнува доволно внимание. 

„Јас ги разгледував сите релевантни одредби од Кривичниот законик кои би можеле да најдат примена и заклучокот е дека сексуалното насилство преку слики е само случајно и делумно покриено низ неколку изолирани норми – значи законодавецот немал спцифична идеја и насока да тоа го регулира во посебна одредба туку случајно нашол место низ неколку одредби“, вели Мартина Драгановска Мартинова, авторка на тематскиот извештај „Зајакнување на правната заштита од сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија“ во кој се застапени погоре изнесените наоди.

Мартина Драгановска Мартинова

На денешната панел-дискусија каде Драгановска Мартинова ги презентираше клучните наоди од нејзиното истражување, таа посочи дека најчести жртви на секусално насилство преку слики кај нас се жени, а најчести сторители мажи. Ваквото насилство најчесто се врши на социјалните мрежи, преку електронската пошта или мобилните пораки.

„Последиците се опасни, тие се соочуваат со страв да ги напуштат своите домови, со анксиозност, депресија, панични напади и слично, а не изостануваат ниту професионалните последици кои исто така се значителни. Жртвите честопати се соочуваат или со губење на работни места или со неможност да најдат работа“, нагласи истражувачката.

Како главен заклучок од нејзината анализа посочи на потребата од инкриминирање на секусалното насилство преку слики како посебно кривично дело. Во полза на тоа, таа укажа на законските одредби полово вознемирување, неовластено сликање, детска порнографија и злоупотребата на лични податоци, со кои како што потцрта, само делумно може да се понуди заштита од овој вид  насилство.

„Потребна ни е специфична правна одредба. Многу е важно да инкриминира објавување и споделување на сексуално експлицитни фотографии или видеа или дипфејк без согласност на лицето. Одредбата не смее да бара докажување на намерата на сторителот, затоа што тоа само непотребно ќе го отежни порецост на докажување. Одредбата мора да се гони по службена должност за да се гарантира дека жртвите нема да бидат одвлечени од споредување на правни дејствија и исто така мора да содржи отежнувачки околности – кога на пример секусално насилство преку слики е сторено заради сексуално изнудување“, заклучи Драгановска Мартинова.

По презентацијата на наодите говореше Александра Деановска Трендафилова, професорка по казнено материјално право која се согласи дека во поглед на дипфејкот како појава кај нас има правна празнина. Професорката рече дека иако Македонија не доцни – соодветно компаративните искуства изнесени во анализата, каде само две-три држави го третираат како засебно кривично дело – сепак делувањето на оваа тема во пракса доцни.

„Мој предлог, личен како кривичар е едно ново дело да се донесе кое ќе биде дело на злоупотреба, меѓутоа експлицитно да нагласува дека се работи за материјали со сексуална содржина и материјали кои се изменети – за да го опфатиме дипфејк. Можеме да ставиме и отежнувачка околност спрема деца итн., иако за тоа имаме други квалификации“, рече Деановска Трендафилова.

Професорката ги повика невладините организации да притискаат за измени и дополнување на законите.

„За измените и донесувањето е потребно време, може да биде на одложување од една до две години, а нас ни треба акција сега“, порача Драновска Трендафилова.

Во Одделението за истраги за злоупотреби на интернет при Секторот за комјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи каде добиваат пријави од целата држава, досега не пристигнала пријава за дипфејк.

Според началничката на одделението, Азамела Чуљевиќ, сексуалното дигитално насилство сè уште е сива бројка. Во Секторот како што рече, најчесто третираат случаи на лажни профили на Фејсбук и Инстаграм како најкористени социјални мрежи кај нас, но имаат проблем кога таквите профили се креираат преку Виртуелната приватна мрежа (ВПН).

„Во најново време имаме и броеви кои се купуваат на интернет и се користат за комуникација, дали текстуална, дали слики кои слободно ги користат на интернет и за кои нашите оператори не располагаат со податоци и дополнително ни го отежнува постапувањето кон секојдневието“, рече Чуљевиќ.

Панел „Заштита на сексуалната приватност во време на нови технологии“  / Фото: Радио МОФ

Началничката повика сите кои се соочуваат со дигитално насилство да пријавуваат на е-адресата на Одделението со оригиналните и целосни урл-линкови од содржината со цел истрагата да има ефикасен исход.

„Добиваме пријави кога лицето се намамува од лажни профили на социјалните мрежи да изврши некој сексуален чин пред камера и потоа тоа да биде фото-документтирано или направено видео со кое понатаму се уценува жртвата за да обезбеди некоја сума на пари во странство каде што не е можно да се најде траг. Машката популација е погодена токму од тоа, и не пријавува додека сликите не бидат споделени во јавност и веќе немаат што да изгубат, додека жените пријавуваат почесто“, посочи началничката.

Илустративно фото / Envato

Последна говорничка на панелот беше Билјана Арсовска, јавна Oбвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје која нагласи дека е многу важно кога се пријавува дело врзано со сексуално насилство преку слики или друг вид дигитално насилство да се приложат сите докази.

„Во интерес на подносителот е да ги стави на располагање сите сознанија што ги има. Исто така, најефективно е да се пријавува во секторот за компјутерски криминал во МВР затоа што тие располагаат со сите механизими за веднаш да го документираат случајот и да пристапат кон идентификација на сторителите“, рече обвинителката Арсовска.

Во однос на инкриминирањето на овој вид насилство таа го презентираше предлогот на ОЈО кој, како што рече е работен во консултација со експерти и неколку јавни обвинителства во регионот.

„Предлагаме делото да се гони по службена должност. Тоа предвидува казни затвор од една до пет години, предвидено е дека со казната се казнува и оној што со употреба на компјутерски систем или на друг начин ќе изработи нова или ќе промени постоечка видео или друга снимка, фотографија, аудио-запис или спис. Од отежнителните околности е можноста да се споделува со повеќе лица“, кажа Арсовска.

Доколку делото е сторено на дете, и во ситуации кога дете снима, дури и тоа да не е со цел да биде порнографска содржина, се предлага казната да биде од 3 до 10 години затвор.

Ангела Бошкоска