„Студентката беше зависница. Еден ден дознавме дека во сабота ноќе со амбулантна кола била изнесена од факултетот. Приказната што ни ја сервираа била дека професорот ја викнал да реди пријави и индекси. Таа, наводно, таму била со дечкото и во еден миг се онесвестила и се удрила од прозорецот. Девојката ја изнесоа во бессознание, со расцепено чело, заради што мораше да оди во болница на шиење (со рана којашто е толку голема што сè уште е видлива). Како што ми рекоа, цел негов кабинет бил крвав од нејзината повреда. Никој не се запраша што правела таму во сабота ноќе, како тоа се удрила сама од прозорецот бидејќи се онесвестила, итн. Едноставно, сите ја обвинија неа, бидејќи, нели, беше зависница. Случајот комплетно се заборави,” гласи едно од анонимните сведоштва на професор/ка од УКИМ кое беше објавено во скорешно истражување за сексуално вознемирување на УКИМ.
Оваа недела, студенти и истражувачи објавија „Истражување за перцепции и искуства со сексуално вознемирување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје“, кое опфати 347 студенти од прв циклус студии на Универзитетот, како и професори.
Истражувањето покажа дека 91 студент бил мета на недолични коментари од професори како „маче“, „злато“, „кукле“, но покажува и нешто попроблематично.
Речиси деведесет отсто од студентите не знаат каде да пријават сексуално вознемирување, а повеќе од половина испитаници одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.
Адресата на студентскиот правобранител и понатаму отворена за дојави
Претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски и актуелната студентска правобранителка Викторија Постоловска велат дека ја продолжуваат праксата од минатото студентско независно раководство, преку која студент(к)ите можат анонимно да пријават сексуално вознемирување на кампусот на УКИМ.
„Секој студент кој бил сексуално вознемируван, во било кое време може да се обрати до студентскиот правобранител, како еден од најмоќните механизми за справување со ваквиот вид на проблеми“, посочува Темелковски.
И Постоловска се надоврзува дека практиката воведена од претходната студентска правобранителка останува активна.
„Студентите треба да бидат гласот на едно општество и истите треба жестоко да реагираат кога се обесправени. Ги охрабрувам сите студенти кои биле доведени во ваква ситуација да ме исконтактираат на studentski.pravobranitel.ukim@gmail.com, како заеднички би се избориле со овој деструктивен идеал заеднички“, вели Постоловска.
Таа додава дека до сега не добила пријава за случај кој се темели на психолошко малтретирање на сексуална/родова основа.
Темелковски нагласува дека крајна цел треба да биде ваквите ситуации да имаат некаков исход со кој ќе се искорени сексуалното вознемирување.
„Она што ќе биде пријавено, да биде спроведено до ректоратот на УКИМ, каде доколку се утврди прекршување на Етичкиот кодекс, лицето треба да одговара пред комисијата за етички прашања и да се донесе одлука. Она што би го напоменал е дека во иднина доколку се спроведе вакво истажување добро би било доколку е на ниво на сите универзитети со поголем репрезентативен примерок, со цел да воочиме дали ваквиот проблем е само на ниво на УКИМ или на ниво на цела држава“, вели тој.
Сепак, треба да се напомене дека ко-авторот на истражувањето, Ристо Савески, посочи дека пречка и потешкотија при истражувачкиот процес бил и фактот дека студентите не ја препознаваат релевантноста на темата.
„Кога лично го доставувавме прашалникот, наидовме на голем анимозитет и исмејување на темата на сексуално вознемирување, при што голем број на студенти, одбија да го пополнуваат прашалникот“, раскажува тој.
Шок и неверување
Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) вели дека наодите се апсурдни, срамни и нечовечни.
„Податоците кои беа претставени мислам дека како и кај пошироката јавност ме оставија во неверување поради самиот факт што во целата ситуација станува збор за возрасни луѓе, кои се дел од академската заедница и треба да го претставуваат најинтелектуалниот дел на општеството и да бидат пример на своите студенти. Напротив со ваквите податоци сите тие епитети и кредибилитет пропаѓаат во вода, односно тука станува збор за основни човечки вредности кој еден пред се човек, а потоа и професор треба да ги поседува“, изјави Темелковски за Радио МОФ.
Постоловска вели дека неодамнешните наоди истовремено ја шокираат и трогнуваат.
„Не сакам да верувам дека сите ние духовно се издигаме во една трула институција во која дури 48% од испитаниците биле во ситуација во која некој се пошегувал со нив на сексуална и родова основа, меѓутоа статистиките го покажуваат токму спротивното. Според мене ова е особено деликатен случај кој бара итно детално разгледување“, децидна е студентската правобранителка.
Јавно наместо анонимно пријавување и конкретни решенија
И Постоловска и Темелковски посочуваат дека треба да се цели кон јавно зборување за ваквите проблеми и ситуации.
„За да се почувствува вистинска академска преродба, начинот на справување со ситуации од ваков карактер треба да биде многу подиректен и потранспарентен според мене. Инструментот на студентски правобранител е воведен со Закон и постои исклучително во служба на студентите, па така апелирам и ги охрабрувам сите студенти да размислат околу веќе постоечката анонимна пракса, и да се одлучат на еден подиректен и повидлив пристап, како би се конкретизирала реакцијата на авторитетите на академијата“, вели студентската правобранителка.
Таа не верува дека начинот на анонимно пријавување може да резултира во академски прогрес, туку напротив, уште подлабоко би ги вкоренил стравот и неизвесноста.
Со ваквиот став се сложува и студентскиот лидер на УКИМ, Темелковски, кој вели дека целат кон тоа студентите да можат јавно да говорат на овие теми, не анонимно.
„Ваквиот пат е тежок, и можеби не е доволно една година, веќе и помалку да се реши ова, но притоа како што ние ја задржуваме праксата на минатото раководство, така треба да се задржат и наши пракси по основ на ова прашање, како на пример организирање тркалезни маси, панел дискусии и сл. како начин полека-полека да се премине кон јавно говорење на оваа тема“, вели тој.
Темелковски информира дека моментално, со Ректоратот на УКИМ работат на нова брошура со етички норми каде предвид се земени сите информации од истражувањето, а брошурата, додава тој, ќе биде поднесена до секој еден професор.
Дополнително, претседателот на УСС УКИМ најавува дека како дел од решението, во многу брзо време, на секој факултет ќе бидат поставени сандачиња каде анонимно ќе можат да се пишуваат секакви видови на пораки.
„Праксата за анонимно пријавување продолжува на меилот на студентскиот правобранител, ќе бидат поставени сандачиња низ сите факултети, ќе се организираат тркалезни маси и панели, каде ќе почне јавно да се говори на оваа тема, и она кое лично јас го мислам и сметам дека најмногу би помогнало, сите оние професори за кои се докаже дека направиле вакво нешто да добијат казни со цел во иднина никој да не се осмелува да помисли сексуално да вознемирува колеги/колешки“, дециден е Темелковски.
Студент(к)ите да се запознаат со своите права
Ректорот на Универзитетот, Никола Јанкуловски вели дека УКИМ континуирано се усогласува со законските прописи, додавајќи дека во институцијата на ниво на сите единици има овластено лица за прием на пријави од укажувачи кога постои сознание дека е извршено или се извршува неетичко или друго недозволиво постапување со кое се повредува нечие право.
„Пријавите може да бидат анонимни, или доколку не се, тогаш тие се строго доверливи. Во нашата институција има овластено лице за постапување по претставки и предлози, како и овластено лице за прием на пријави за корупција. Мислам дека е време студентите и сите кои се засегнати со било какво вознемирување, да се запознаат со нивните права и да знаат на кого да се обратат и каде да пријават сексуално вознемирување“, изјави ректорот.
Јанкуловски посочува дека Етичкиот кодекс, за кој Радио МОФ претходно пишуваше е донесен во нова форма каде е пропишано сексуалното вознемирување, а дополнува дека како заштитни механизми активни се Етичката комисија и студентскиот правобранител.
„Исто така сметам дека преку студентскиот правобранител треба активно да се делува, студентите да знаат кои се нивните права, како може да бидат заштитени и како да дојдат до решение на ваквите проблеми. Значи, ние сега зборуваме за системско делување, но првично, она што е најважно и најпроблематично со темата сексуално вознемирување е тоа што, жртвите многу тешко се одлучуваат да го пријават“, вели ректорот.
Тој ги охрабрува сите засегнати од овој проблем да веруваат во надлежните органи во институцијата, да го пријават и заеднички да се реши проблемот.
„УКИМ им гарантира на студентите доверливост во поглед на нивното пријавување и залагање за брзи и соодветни постапки, без никакви последици по нивната личност и интегритет“, заклучува Јанкуловски.
Ивана Смилевска