Овогодинешното издание на „Филозофскиот филмски фестивал“ (ФФФ) се доближува кон неговиот крај. На само два дена до затворањето, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекцијата на новата, за првпат инаугурирана, Селекција на видеоесеи.
На првата дневна проекција од 18 часот во Кинотечната сала, денес публиката ќе може да ги погледне четирите видеоесеја кои влегоа во Селекцијата.
„Периферија“ (Peripheria, 2023) е краток филм на 25-годишниот германски писател, фотограф и режисер, Бо Мајбаум.
„’Периферија’ е филм за депресијата, индустриските зони и бавната пропаст на човековата цивилизација, кој нуди и нежно промислен осврт на темата не-простор, од аспект на не/можноста за замислување кохерентни алтернативи на иднина надвор од капиталистичкиот реализам“, велат од ФФФ.
„На црвената, бојата на вжарената земја“ (Crvenoj, boji žarene zemlje / To the Earthen Red, 2022) е експериментален, онтолошки ориентиран видео-есеј на Ника Печарина што поетски ги преиспитува односите меѓу пејзажот, керамиката, човековите сетила и филмската слика.
„Преку референци кон постанокот и философски размисли за карактерот на физичката природа, еволуира во уникатна видео-поема која се труди да обедини теми како грнчарството, термографијата и претворањето на нештата во вдахновен филмски запис за чудесните преобразби на еден од најстарите природни материјали: глината“, гласи синопсисот за филмот.
„Механика на флуиди“ (La Mécanique des fluides / The Mechanics of Fluids, 2022) претставува филмски запис на потрагата на Гала Ернандес Лопес по одговорност и одговори за Anathematic Anarchist, самопрогласен инцел.
„Лопес навлегува сѐ подлабоко во светот на инцелите (интернет-поткултура доминирана од гневни, хетеросексуални женомрасци) и сѐ повеќе почнува да го гледа како неизбежно отелотворување на капиталистичкиот прогрес, на мрачниот очај на современоста, на радикалната атомизација на општеството продуцирана од екраните и алгоритмите на дигиталните апликации за запознавање“, е синопсисот за филмот.
„Длабоко во окото и утробата: поглавје I“ (Deep in the Eye and the Belly: Chapter I, 2023) е воведен сегмент во рамки на еден опсежен, мултидисциплинарен проект со еко-заднина на Сем Вилијамс.
„Во 1865 година, жителите на Аскимскиот округ во близина на Гетеборг ги разбудува необична глетка: млад син кит, вознемирен и заринкан меѓу гребените на еден одлив. Внимателно распарчен, препариран и одново составен, китот станува драматичен музејски експонат, чија отворена челуст дозволува и пристап во утробата, кичесто разубавена со ѕвезден декор. Сем Вилијамс, лондонски уметник, се прашува: зарем не е ова само епизода од една поголема приказна, онаа за нашата потреба да населуваме и поседуваме туѓи тела?“, стои во синопсисот.
Вечерната проекција од 21:00 часот повторно ќе биде наменета за еден филм од Ревијалната програма. Овојпат, ќе биде прикажан „И сепак Лоренс“, (Laurence Anyways, 2012), третиот филм на Гзавие Долан (роден во 1989 година), кој го снима кога има 22 години.
„Филмот раскажува за Лоренс Алиа (Мелвил Пупо / Melvil Poupaud), наградуван писател и професор по литература кој живее во Монтреал заедно со својата девојка, Фредерик „Фред“ Белер (Сузан Клеман / Suzanne Clément). На денот на својот триесет и петти роденден, во миг на длабок очај, Лоренс ѝ ја открива на Фред својата најнепребродлива тајна: дека неговото машко тело не соодветствува на она што тој вистински чувствува дека отсекогаш бил – жена. Двајцата заедно им се спротивставуваат на предрасудите на нивните заеднички пријатели, ги игнорираат советите на нивните семејства и се обидуваат да ги надминат фобиите вкоренети во едно општество што многу пред да се потруди да разбере – маргинализира и исклучува“, соопштуваат од фестивалот.
Од таму посочуваат дека филмот беше премиерно прикажан во програмата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал во 2012 година, во рамки на кој Сузан Клеман ја доби наградата за најдобра актерка, а Долан – наградата Квир палма. Истата година филмот ја доби и наградата за Најдобар канадски игран филм на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.
Пред проекцијата, воведно излагање ќе има професорката во пензија од Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ, Слободанка Марковска.
Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: philosophicalfilmfestival.mk