Селективна меморија на официјалните веб страници – проблем за институциите

Веб страницата на Претседателот ги содржи информациите за активностите кои се преземаат од страна на актуелниот шеф на државата, но неговиот претходник како и да не постоел. Секоја Влада пак е селективна во транспарентноста и повеќе ги користи веб страниците за своја промоција, отколку за полесен пристап на граѓаните до институциите, пишува Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА).

Кога ќе ја отворите официјалната веб-страница на претседателката на земјава, ќе ве дочекаат соопштенија и активности на актуелната претседателка, Гордана Силјановска Давкова. „Око ќе Ви фати“, каде била и што правела.

Меѓутоа, ако ви притреба некоја информација за било каква одлука донесена од нејзините претходници, нема да може да ја најдете на истата. Ќе треба дополнително да се информирате на пребарувачите или од архивата на медиумите. Со секој новоизбран претседател, се креира нова веб-страница. 

Институцијата ,,Претседател“ нема воспоставено пракса, веб-страницата истовремено да содржи информации за активностите на актуелниот, но и за се она што сработиле поранешните шефови на државата. На „president.mk“ има кратки информации за биографијата на претходниците на Силјановска Давкова, но не и нивните одлуки. На пример, нема да најдете одлуки за донесени вонредни состојби на Советот за безбедност, прогласување на кризна состојба за време на пожари, билатерни средби со други претседатели, како и гости примени во Кабинетот на претседателот. 

„Домените pretsedatel.mk и president.mk се во сопственост на Кабинетот на Претседателот. На веб страницата се објавуваат содржини само по однос на актуелниот носител на функцијата и работата на страницата е насочена со цел соодветно информирање на сите заинтересирани за работата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Институцијата нема воспоставена практика веб страницата паралелно да содржи информации за активностите на актуелниот и за активностите на поранешните носители на функцијата. Согласно оваа практика наследена од минатото, по примопредавањето на функцијата Претседател на 12 мај 2024 година, на веб-страницата pretsedatel.mk се објавуваат содржини поврзани со работата на актуелната претседателка Гордана Сиљановска Давкова“, велат од Кабинетот на претседателката за „ПИНА“.

Институционалната меморија проблем и за сите Влади

Со навремено објавување на записниците од владините седници, што беше пракса и за претходните владини состави, „мака мачи“ и новата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На веб-страницата, во делот каде се објавуваат записниците и соопштенијата после секоја владина седница, недостасуваат девет. 

На прашањето зошто од одржани вкупно 17 седници, објавени се соопштенија за сите, а недостасуваат записниците за последните, официјален одговор од службите не добивме. Пробавме да ја дознаеме и причината за необјавувањето на записниците и по неофицијален пат, но безуспешно. 

Принтскрин од vlada.mk направен на 11.09.2024г.

Необјавувањето на записници не е новост за јавноста. Оваа пракса се провлекува со години. Па така, техничката влада, предводена од Талат Џафери, одржа вкупно 25 седници. Во овој период на интернет страницата на влада, недостасува само еден записник од седницата одржана на 26.03.2024.  

Необјавени записници се бележат и во владата со која предводеше тогашниот премиер Димитар Ковачевски.  

Игра на мачка и глушец

На прашањето дали станува збор за селективна транспарентност или пак технички нерегуларности и недостиг на организационен процес кај службите, експертите се децидни дека властите немаат јасен протокол за онлајн комуникација во јавните институции, без притоа да зависат од одредено раководство-претседатели, премиери, министри. 

За подобрување на состојбата, односно за на граѓаните да им биде полесно да дојдат до информација која е од нивен интерес, потребни се законски измени за протоколарно уредување на записниците. 

„Прво и најосновно е потребно волја. Да се разбере дека институциите и јавните функционери ги трошат парите на граѓаните, а со самото тоа немаат право на избор, туку обврска да бидат транспарентни и отчетни“, објаснува за „ПИНА“, комуникологот Бојан Кордалов. 

Понатаму, како второ, според Кордалов, е потребна доверба. 

„Доверба на носителите на јавни функции и високо позиционираните јавни службеници во медиумите и граѓаните. Многу често гледаме потценувачки или надреден однос, а всушност е неопходно да се разбере дека тоа се прави во име на граѓаните и компаниите чии јавни пари се трошат“, вели тој.

И трето, како што додава, треба да има јасно утврдени правила кои се обврските и како се постапува во однапред утврдена транспарентна процедура од страна на секоја јавна институција и јавен функционер.

„Кај нас сметам дека генерално недостасуваат сите три основи, па оттука е и играта „мачка и глушец“ на релација (не)транспарентни институции наспроти медиуми и граѓани. Ако се воведат првите три принципи многу лесно, во подзаконска постапка ќе се донесат неопходните правила, кои би сугерирал да бидат во целосна корелација со веќе утврдените правила на транспарентност на САД и земјите од Западна Европа“, додава Кордалов.

„Помалку ПР лица на функционери, повеќе видливи услуги за граѓаните“

Дизајнот на веб-страниците и понатаму остануваа најголемиот предизвик со којшто се соочува и новата Влада, а тоа го покажуваат и истражувањата како последното на ИДУЕП.

„И оваа, како и во изминатите повеќе од 5 години, во рамки на анализата за користењето на социјалните медиуми и дигиталните платформи од страна јавните институции и функционери која ја спроведува ИДУЕП, ги забележавме истите предизвици во рамките на веб страните кои тие ги користат. Насмеаните лица на јавните функционери и нивниот ПР, наместо насоки за полесен пристап до јавните институции, се уште предничат на веб страниците на јавните институции“, велат од ИДУЕП. 

Оттаму сметаат дека е потребна унификација на пристапот и организираноста на сите веб страни на јавните институции, каде на прво место ќе се стваат услугите што институцијата ги обезбедува за граѓаните, компаниите, организациите. Потоа корисни информации, јавни тендери и повици, вработувања, како и домашни и меѓународни можности за целните групи на конкретната институција. На крајот, според ИДУЕП во одреден намален облик може да следат медиумските и други промотивни активности на јавните функционери и тие да бидат пласирани на помалку видливо место.

„Повторно потсетивме дека институциите од буџетот на граѓаните се финансирани со цел примарно да обезбедат услуги за луѓето, а не промоција за јавните функционери што е во континуитет досега децениска пракса“, додаваат оттаму.

Дополнително, наместо само веб страници, потребни се и мобилни апликации за услуги од јавните институции со цел секоја заинтересирана личност да може на уште поедноставен начин да дојде до посакуваната јавна услуга, како и да се зголеми дигиталната писменост имајќи ја во предвид масовноста на користење на интернетот и т.н. паметни телефони.

Со една реченица, граѓаните, а не политичарите да бидат во фокусот на јавните институции и нивните дигитални платформи. 

Како што се неопходни измени во веб-страниците на министерствата и институциите кои даваат услуги на граѓаните, експертите советуваат да се вметнат процедури, во вид на унифицирани стандарди во делот на дигиталниот печат на јавните институции. 

Извесен период веќе е забележлива политичка култура каде поголемиот број на веб страни, но и кориснички сметки на социјалните медиуми се преземаат од наследниците во конкретните институции. И ова не би било никаква вест, доколку не се потсетиме дека само пред десетина години сведочевме на згаснување на страни и кориснички сметки при промена на локална или централна власт во земјава. 

Што се однесува до Кабинетот на Претседателот на Републиката, очекувано е да се задржи и содржината на секој претходен претседател, односно да се креира нов активен простор за актуелниот претседател или претседателка. И тоа освен кај нас, се случува и во многу земји од светот.

„Но, она што мора да се запази е при едноставно пребарување од страна на граѓаните или медиуми да може на истата веб платформа да се добијат и информации за активностите на претходните претседателски администрации бидејќи институционалната меморија единствено дава континуитет на институциите, а со тоа и на државата, што е едно од најважните правни принципи“, објаснува Кордалов. 

И додека претседателската веб страна постои само за актуелните шефови на држави, еден од седумте приоритети на Владата за нејзиниот мандат од 2024 до 2028 година е токму „обврзувачка транспарентност“, која во пракса се покажа дека не секогаш е толку приоритетна. 

ПИНА