Шпанското село Салто де Кастро што се продаваше за 260.000 евра го најде својот купец. Новиот сопственик сака да изгради селски хотел да го претвори во туристички крај, пишува порталот N1.
Селото што се наоѓа во близина на провинцијата Замор во северозападна Шпанија има 44 куќи, кафеана, црквичка, училиште, касарна полиција, базен и спортски терени, па дури и хотел со перална и трпезарија го привлече вниманието на градител од Толедо, Оскар Торес.
Салто де Кастро има вкупна површина 7,8 хектари, а изградени се 6.600 метри квадратни. Селото го изградила компанијата „Ибедрола“ некаде во средината на 20 век за да им обезбеди сместување на работниците кои ја граделе браната Кастро. Откако членовите на полицискиот сектор биле преместени во друга област, а останатите си заминале, селото останува напуштено и ненаселено од 1989 година.
Селото беше ставено на продажба пред четири години за цена од 6,2 милиони евра, но оваа цена не била толку привлечна за купувачи па таа беше спуштена на 260.000 евра што е речиси исто колку да се купи еднособен стан во Мадрид или Барселона.
Салто де Кастро во моментов се наоѓа на листата на црвено наследство „Хиспанија Ностра“ што значи дека инфраструктурата е во прилично лоша состојба, а тоа го потврдува и фактот дека во селото биле уништени бројни објекти.