Расте бројот на сторители на семејно насилство кои самостојно бараат помош, свесни дека прават нешто погрешно, информираат од првиот Семеен центар на Град Скопје кој одбележa 2 години од своето постоење. Како што информираат од Центарот, корисници на услугите во овие две години биле 278 лица, од кои 168 се жени и 110 мажи. Семејниот центар работел со 56 семејства, а индивидуално според категорија имало 120 жртви на семејно насилство и 34 сторители на семејно насилство. Кај корисниците кои успешно го завршиле психосоцијалниот третман, посочуваат од Центарот, нема повторување на насилството.
Карактеристично за Семејниот центар е што е единствено советувалиште за сторители на семејно насилство, каде со нив се работи по специјализирана програма за третман на сторители на семејно насилство. Оттаму посочуваат дека расте бројот на сторители кои самостојно бараат помош и кај нив третманот е најкраток и најуспешен.
„Децата во оние семејства каде е присутно насилство се оние кои најмногу страдаат, без разлика дали насилството е насочено директно кон нив или не. Нашето искуство покажало дека кај секое дете кое било сведок на насилство, се развиваат трауми кои го отежнуваат развојот на детето, и го спречуваат во остварување на реалните потенцијали кои ги има, во секој аспект на понатамошниот живот“, посочуваат од Семеjниот центар на Град Скопје.
Семејниот Центар функционира во рамките на Здружението нa граѓани Х.Е.Р.А. – Скопје, со поддршка на Град Скопје и Комерцијална банка и е бесплатно и доверливо советувалиште за превенција и заштита од семејно насилство. Услугите кои се нудат во центарот се психосоцијален третман на жртви на семејно насилство, на сторители на семејно насилство, на малолетни деца кои биле директни жртви на семејно насилство или пак биле сведоци на насилство во семејството, како и цели семејства во кои се вршело, се врши или има ризик да се врши било кој вид на семејно насилство. Дополнително, центарот обезбедува советување со социјален работник, како и упатување и придружба до соодветни институции и организации. Исто така, во центарот може да се добие и бесплатна правна помош поврзана со семејно насилство. Услугите ги даваат обучен социјален работник и сертицифирани психотерапевти.
Услугите на Семејниот центар може да се добијат со самостојно барање помош во центарот или на телефонската линија, или со препраќање од соодветни институции или организација. Центарот се наоѓа на ул. Костурски Херои бр.51, зад Универзална Сала, спроти Вучко, телефон за контакт: 02/ 3215 – 905, email: infopsc@hera.org.mk, а работното време на центарот е секој работен ден од 11:00 до 19:00 часот.