Семејствата на настраданите во пожарот на импровизираната дискотека „Пулс“, утре (вторник) организираат протестен марш под името „Марш за ангелите“ во Скопје со почеток во 12:05 часот. Времето симболизира задоцнета одговорност и реакција. Маршот ќе започне во 12:05 часот пред Јавното обвинителство, ќе продолжи кон градскиот плоштад, а ќе заврши пред Собранието, пренесува новинската агенција Мета.
Мајка на една од жртвите во пожарот портестниот марш го најави на својот Фејсбук профил: „Бараме одговори кои ги заслужуваме за насилната смрт на нашите деца“, напишта таа и повика на масовна поддршка од сите граѓани, без политизирање на трагедијата.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати – пушти, без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли, кои и онака се на работ на самоуништување“, стои во објавата на Фејсбук.
Родителите на младите кои загинаа во трагедијата, на последниот нивни марш во Кочани, во саботата на 26 април, обвинија дека се соочуваат со притисоци и закани за апсење. Тоа според нив, се однесува на инцидентите што се случија по трагедијата, кога беше демолирано кафуле поврзано со сопственикот на дискотеката. На протестот во Кочани тие побараа одговорност од министерот за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност и од обвинителството.
„Кој дозволи нашите ангели да ги убијат? Кој потпишува документи дека нашите ангели се безбедни на јавни и нејавни простори?“, праша една од мајките на загинатите.
Во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година загинаа 62 лица, меѓу кои шест малолетници, а околу 200 беа повредени. Според истрагата, пожарот настанал од искри од пиротехнички средства што го запалиле таванот во преполнетиот локал. Досега се осомничени 68 лица. Во притвор е поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, а останатите осомничени функционери меѓу кои и тројцата поранешни градоначалници на Кочани се во домашен притвор. Сегашниот министер за економија и директор на Државниот пазарен инспекторат не се осомничени.
Според анкета на агенцијата Маркет вижн и порталот МКД.мк, 53 отсто од граѓаните сметаат дека институциите брзо и ефикасно преземале мерки по трагедијата, додека 33 отсто не се согласуваат со тоа.