Во пресрет на претседателските избори, Советот за етика во медиумите (СЕММ) апелира за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање партиципаторен политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.
Тие ги потсетија медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ, односно да известуваат вистинитост и објективност, избалансираност, да прават јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, да бидат чесни и независни, да постои професионална солидарност меѓу медиумите, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност, како и слобода и одговорност.
„Апелираме до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што се презентираат на публиката. Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не доликува на едно современо демократско општество. Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот политички процес, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните во државата“, апелираат од СЕММ.
Тие очекуваат од медиумите, особено Интернет порталите, да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда.
„Поддржувајќи го и правото на граѓанските активисти да послужат како извори на информации за случувањата, ги потсетуваме новинарите на нивната улога особено да внимаваат на кредибилноста на изворот на информациите, задолжително да користат повеќе извори на информации, да известуваат со кредибилитет и објективно и урамнотежено да ги претстават случувањата во нивниот вистински контекст. Нивото на професионално однесување не смее да се симнува и да се дозволат лаги, полувистини и еднострани информации кои на граѓаните би им се сервирале како проверени и вистинити вести“, велат од СЕММ.