Сторијата за недостаток на задолжителното образование на децата во воспитно-поправните домови на Ана Цветковска, Борис Куноски и Ангела Рајчевска од МИА ја доби првата награда на овогодинешниот конкурс за најдобри новинарски стории на тема: „Инклузивно известување за различностите и предизвиците во образованието“ во организација на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Жири комисијата посочува дека сторијата насловена „Децата упатени во воспитно-поправен дом лишени од задолжителното образование“ била обработена со многу посветеност и дека треба да послужи како пример и за други новинари.
„Сторијата беше обработена преку серијал од текстови и видеоматеријали во кои се открива постоење индиции за дискриминација во образовниот процес во воспитно-поправните домови и опфаќа тема која е мошне релевантна за децата под социјален ризик. Серијалот од текстови ја поттикна Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да поднесе две претставки – првата за немањето право на воспитно-образовен процес за адолесцентите во воспитно-поправните домови, додека втората беше поврзана со родова дискриминација на девојчињата кои за истата мерка се упатени во затворски услови. Сторијата поттикна реакција и од државните органи да се преземат неопходните мерки за да се пронајде решение и да се овозможи образовниот процес во посоодветни услови. Обработката на темата се одликува со силен новинарски и тимски ангажман, сработена од повеќе аспекти во неколку наврати, со висок степен на урамнотеженост во известувањето“, стои во образложението на жири-комисијата.
Второто место го освои Соња Колевска-Делевска од СДК.мк, за сторијата на тема „Државата им го зема додатокот на учениците со попреченост од 5.000 денари и ги дискриминира тие што се од рурална средина“. Станува збор за серијал текстови за тоа како на над 100 деца со физичка попреченост од руралните средини им бил одбиен детскиот додаток кога биле префрлени во интернат поради непромислен и непотребен подзаконски акт.
Третото место го доби видео-сторијата „Не ја сакаат во класот бидејќи е со Даунов синдром, родителите на Амбла сакаат таа да учи со врсниците“ на новинарот Сенат Зулбеари од ТВ21. Во сторијата се опишува приказната на Амбла, ученичка со Даунов синдром која не можеше да следи настава заедно со нејзините соученици бидејќи родителите на другите ученици не сакале таа да биде во ист клас со нивните деца.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и една пофалница за сторијата на новинарката Ана Зафирова, со наслов: „Маските се пречка во светот на глувите и наглувите“, објавена на Samoprasaj.mk, за иновативната визуелна обработка на сторијата за глувите и наглувите лица кои беа обврзани да носат маска за време на пандемијата.
„Известувањето за маргинализираните лица во општеството подразбира да им се даде глас во медиумското известување, а на овој начин ги охрабруваме медиумите да известуваат за различни аспекти со кои се соочуваат ранливите групи во општеството“, рече Лилјана Пецова-Илиеска, извршна директорка на СЕММ.
Со жирито претседаваше Мигена Горенца, главна уредничка на МРТВ2, а во чиј состав беа и членовите: Катерина Синадиновска, претседателка на УО на СЕММ и Дејан Андонов, програмски координатор при Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои стории во медиумите во Северна Македонија, во периодот од 1 мај 2021 до 1 мај 2022 година. На овогодинешниот конкурс се пријавиле вкупно 40 новинарски стории.