По автобуската несреќа што рано изутрината се случи во Бугарија, во која загинаа најмалку 45 лица, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата.
„Препознавајќи го притисокот со којшто се соочуваат уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за вакви трагични настани, укажуваме на потребата да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица. Во исто време, потсетуваме на членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој начинот на информирање за несреќи треба да биде ослободен од сензационализми. Притоа медиумите треба да внимаваат да не објавуваат имиња и фотографии на жртвите, ниту, пак, податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвите, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции“, велат од СЕММ.
Од Советот додаваат дека поради тежината и последицата на несреќата, тие апелираат до сите медиуми соодветно да ги усогласат своите програмски шеми и да известуваат со висок степен на професионална и морална одговорност.
Сличен апел има и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), кои ги повика медиумите при известувањето да ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и принципи, односно информирањето да биде ослободено од сензационализам и новинарите да ја почитуваат личната болка и жалост.
„Воедно, информациите треба да бидат точни и проверени, а доколку не можат да се потврдат или станува збор за претпоставка тоа треба да се каже или објави. Имајќи ги предвид размерите на трагедијата, Агенцијата апелира радиодифузерите да ја прилагодат својата програма и да емитуваат содржини соодветни за вакви настани, односно да не емитуваат забавна програма. Истовремено, доколку се во можност треба да го прекинат и емитувањето реклами“, велат од ААВМУ.