СЕММ: Осуда за известувањето од судскиот процес за убиството на малолетната Вања

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите изразува голема загриженост и осуда за начинот на кој повеќе медиуми известуваат за судската постапка поврзана со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

„Медиумите треба да бидат свесни дека секое претерано изнесување детали за чинот на насилство или злосторство, претставува повреда на достоинството на жртвите, а ги повредува и чувствата на нивните најблиски. Со навлегување во детални описи на грозморниот чин, медиумите истовремено внесуваат и вознемиреност во јавната сфера и придонесуваат кон зголемување на чувството на несигурност и насилство“, велат оттаму.

Комисијата нагласува дека при известувањето за чинови на насилство, бруталности или страдања приоритет на медиумите треба им биде заштита на достоинството на жртвите и на лицата кои се на кој било начин погодени од настаните. Притоа, како што посочуваат оттаму, медиумите треба да бидат особено внимателни, бидејќи нивните информации допираат до поширока публика, во која има и малолетни и ранливи лица врз кои информирањето за вакви случаи може да остави сериозни негативни последици.