Еден Сенегалец од југот на африканската држава на себеси си дал амбициозна задача – во следните пет години да засади пет милиони дрвја.
Овој визионерски проект на Адама Диеме му дошол како идеја кога се вратил во својот роден крај во 2020 година, после неколку години работа во Европа.
Како што пренесува Би-Би-Си, 40-годишниот Диеме бил шокиран што во селата во кои кога бил млад имало стотици џиновски дрвја, сега останале само неколку од нив.
„Во некои села не можете да најдете ниту едно дрво. Сите ги исекле, а не размислувале да засадат нови стебла“, вели тој за британскиот медиум.
Низ Африка ширењето на пустините е една од причините за обесшумувањето, но во родниот крај на Диеме главниот проблем е неконтролираната сеча поради градежни материјали за изградба на куќи или за производство на дрвен јаглен.
Диеме, кој во моментов работи како проектен менаџер за шпанска невладина организација, решен е овој проблем да го промени од корен. Тој за остварување на неговиот план веќе започнал да собира средства, а дал и 5.000 долари од сопствената заштеда со кој би го започнал проектот за зазеленување на Сенегал.