Сеопфатна, темелна и непристрасна и натпартиска истрага за случајот во Кочани, бара Платформата за борба против коруција

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата  изразува длабоко сочувство за трагично загинатите граѓани во пожарот во „дискотеката“ во Кочани и изразува искрени желби за побрзо закрепнување на повредените.

Од таму велат дека пожарот во Кочани е само последно во низата на случувања кои покажуваат дека корупцијата убива.

„За жал, по случајот во Ласкарци, случајот со ‘Беса транс’, пожарот во модуларната болница во Тетово, требаше да се случи и пожарот во ‘дискотеката’ во Кочани за одново да се потсетуваме  дека повеќедецениската системска корупцијата зема животи“, реагираат од Платформата.

Платформата будно ги следи постапките во случајот со пожарот во Кочани и укажува дека тоа што сега најмалку треба да се обезбеди е сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага. Бараат истрагата да се води отчетно и транспарентно и за неа да известуваат оние кои со закон се надлежни да го прават тоа.

„Во овој момент, одговорноста е клучна и никој не треба да биде изземен од неа, без разлика дали и од која партија е, од која верска или етничка припадност е и дали е поранешен или сегашен функционер. Додека не создадеме систем во кој вистинските луѓе со интегритет ќе бидат на вистинските позиции, не треба да се откажеме“, потенцираат тие.

Воедно, велат дека во досегашното еднодецениско постоење на Платформата постојано реагираат и бараат промени во разни сегменти од системот, кои, ако се прифателе, сметаат дека ќе оневозможиле токму вакви случувања.

„Потребни се системски промени кои ќе покажат дека постои реална волја и заложба за бескомпромисна борба со корупцијата од сите чинители, а особено надлежните. За жал, праксата константно покажува дека желбата за лично богатење секогаш била над онаа за создавање на систем во кој правилата и процедурите ќе се почитуваат подеднакво од сите, на сите нивоа во општеството. Имајќи ги предвид прогласените денови на жалост, Платформата за сега ќе се воздржи од натамошни коментари за конкретниот случај, но најавуваме дека во текот на идната недела ќе организираме прес-конференција на којашто ќе ги објавиме нашите конкретни барања што очекуваме да се спроведат од надлежните органи и тоа ќе го следиме за да започне колективна бескомпромисна борба против корупцијата“, стои во соопштението на Платформата.