Од „Крик“ – Фестивалот за критичка култура и „Прво па женско“ – фестивалот за феминистичка култура, најавуваат гостување на босанската уметница Шејла Камериќ во Скопје.
Во септември, Камериќ ќе се претстави со самостојна изложба во Националната галерија на Македонија – Чифте Амам, во рамки на КРИК и десеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција #ППЖ10.
Вчера беше остварена средба во Чифте Амам со уметницата.
Шејла Камериќ е мултидисциплинарна уметница која работи со разни медиуми како филм, фотографија, предмети и цртежи. Сеопфатниот елемент во нејзината работа се нејзините – честопати непријатни – спомени.
„Врз основа на сопствените искуства, сеќавања и соништа, нејзината работа нè води во глобалните простори на раселување и дискриминација, инсистирајќи на тоа дека деликатното и возвишеното не се туркаат настрана од катастрофа или тешкотии. Напротив, тие постојат истовремено, откривајќи сложен, психогеографски пејзаж и истрајност на човечкиот дух. Тагата и убавината, надежта и болката што се појавуваат се дел од приказните што ги споделуваме“, објаснуваат организаторите.