Денеска (21 февруари) во Саутпорт на брегот на Атлантикот во САД ќе биде отворена изложба на уметникот Сергеј Андреевски и неговите долгогодишни колеги од Германија и САД, Герлинде Пистнер и Дик Робертс.
Изложбата е резултат на заеднички проект на тројцата интернационални уметници реализиран во ноември минатата година со наслов „Еден мал круг од Светот“.
На оваа изложба сликарот по прв пат ќе претстави 20 дела од својот нов циклус насловен „Кучиња“. Според авторот, од порано овие животни биле присутни во неговото творештво, но дека сега почувствувал потреба да потпише цел циклус за кој, пак, бил инспириран од сопствената тага по двете кучиња кои долго го пречекувале во домот во Слоештица и кои биле отруени непосредно пред неговото ноемвриско патување во САД, пишува Радио Слободна Европа.