Со почеток во 19 часот, на 19 октомври во мултимедијалниот центар Мала станица ќе биде отворена самостојната изложба насловена „Сертификат за кафе“ на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово, Башким Меџити.
Изложбата го носи насловот „Сертификат за кафе“ заради триптихот кој е создаден во доба на глобалната пандемија, а ќе ја отвори директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, додека кустос на изложбата е Маја Крстевска
„Во Националната Галерија ќе се претстави со триесетина дела од последниот циклус на слики во техника акрил на платно изработени во текот на оваа година. Апстрактниот експресионизам е правецот во кој го реализира ликовниот израз. Случки од природата, урбаната средина и пејзажите ги пренесува во тоналитет на јарки бои, до смирена бела и контрастна црна“, се наведува во соопштението.
Меџити дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина. Тој е добитник на повеќе награди и признанија, а остварил над петнаесетина самостојни изложби во државата и странство.
Исто така, Меџити бил прв претседател и еден од иницијаторите за формирање на Здружението на ликовни уметници „Draudacum“ од Гостивар и основач на Факултетот за ликовна уметност при Државниот тетовски Универзитет.
Изложбата ќе биде отворена до 29 октомври.