Програмата на годинешниот Скопје џез фестивал започнува на 17 октомври и ќе трае до 20 октомври. Фестивалот ќе го отвори вокалистката Сесил Меклорин Салвант во Национална опера и балет со почеток од 20 часот, а веднаш потоа од 23 часот во МКЦ ќе настапат „Next to silence“.
На 18 октомври, петок, настап ќе имаат бендовите „Rodrigo amado the bridge“ и „The end“ во Национална опера и балет со почеток од 20 часот. Утредента на истото место и во исто време изведба ќе има пијанистот и композитор Давид Вирелс, а по него корнетистот Роб Мазурек кој доаѓа од авангардната сцена во Чикаго од 1990-тите години. Во саботата од 24 часот во МКЦ ќе настапи саксофонистот, гитарист и вокалист Алабастер Деплум.
Скопје џез фестивал оваа година ќе го затворат Никол Мичел и Марк Сандерс, како и џезерите од групата „Fire! Orcherstra“ на 20 октомври во Националната опера и балет со почеток од 20 часот.
Дел од придружната програмата на фестивалот е и изложбата „Radical Chimeras“ на Роб Мазурек на која има звучни принтови, слики, скулптури и инсталација и ќе биде отворена вечерва, 16 октомври од 19 и 30 часот во галеријата на МКЦ. Додека пак, во кино Фросина од 21 часот ќе се прикаже документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“. Исто така, во рамки на фестивалот ќе се оддржи и работилница за џез за деца на 19 отомври со почеток од 12 часот во Европската куќа во Скопје.