По повод денот на независноста- 8 ептември, на јавните простори во град Скопје ќе биде поставен уметничкиот проект „Сета убавина мора да умре“ на авторот Велимир Жерновски. Поставувањето на цртежите на Жерновски како билборди во јавниот простор, претставаува уметничка критика на основните претпоставки на државотворноста и независноста.
Уметникот отвора простор за сите оние кои се исклучени и маргинализирани во државните прослави на овој празник. Тој поттикнува критика на насилството како производ на националистичката, маскулинистичката и нормативна социјалност. Критиката на национализмот и неговата маскулинистичката логика станува истовремено и критика на “потрагата по корените“ во далечната антика.
Нашето искуство е паланечко. Ова е тешката и неподнослива вистина со која настојува да не соочи проектот на Велимир Жерновски во кој се испресекуваат маскулинизмот, доминантната политика и паланечкиот дух. ’Сета убавина мора да умре’ не е само рефлексија на паланечкото искуство и ум, туку и проект кој отвора контра-паланечка перспектива, кој граничи со скандалозното, со логиката на табуто. Вклучувањето на маскулинизмот во проектот има за цел да ја соголи, проблематизира, иронизира, но и трансформира вековната релација помеѓу политиката и машкоста.
Изборот на Жерновски на разголени машки тела во цртежите ја раздиплува самата телесност како локус на родовиот апаратус на моќ. Сета убавина мора да умре! Поинаков свет е возможен!
Проектот е поддржан од Коалицијата СЗПМЗ и Фондациите отворено општество Њујорк (OSF)