Краткиот филм „Северен пол“ на режисерката Марија Апчевска ја освои Големата награда на 63. Интернационален фестивал на документарен и краток филм „Зинеби“ во Билбао, Шпанија.
Со ваквата победа на престижниот филмски фестивал, „Северен пол“ автоматски се квалификува за кандидат за Оскар, а официјално, номинациите за „Златната статуетка“ ќе бидат објавени на 8 февруари идната година.
Исто така, по победата на фестивалот во Билбао, „Северен пол“ е во потесен круг и за Европските филмски награди за 2022, кои ги доделува Европската филмска академија (ЕФА).
„Надреално! „Северен пол“ ја доби Гoлемата награда, како и кандидатурата за ЕФА во Зинеби! Неверојатно благодарна до сите кои учествуваа во ова патување“, напиша режисерката Апчевска на социјалните мрежи.
Главните улоги во „Северен пол“ ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.
Филмот е во продукција на „Кино око“ во копродукција со „Сервиа Филм“ од Србија и „Тиволи Продукција“ од Унгарија со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на Македонија.
„Северен пол“ е трет краткометражен филм на Марија Апчевска по успешните „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017).