Северна Кореја објави снимката од безбедносна камера на која американскиот студент Ото Вормбир извршува кривично дело,за кое е осуден на 15 години принудна работа. Вормбир ја доби тежката казна бидејќи одлепил плакат од хотелот во кој престојувал.
Видеото објавено во четвртокот го прикажува Вормбир како отстранува пропаганден плакат од ѕид, во дел од Јангкадо интернационалниот хотел во Пјонгјанг каде смее да се движи само персоналот. Студентот престојувал во хотелот за Нова година.
Според јавувањата, на плакатот кој студентот го украл пишувало „Да се вооружиме себеси со патриотизмот на Ким Џонг-ил“, фраза користена да се разгори патриотизмот кај Севернокорејците после смртта на лидерот.
Еден од сопатниците на летот со кој Вормбир требало да се врати во САД рекол дека членовите на неговата група биле будни до рано наутро и пиеле водка пред утринскиот лет.
Студентот на Универзитетот на Вирџинија, кој има 21 година, бил одведен од чувари на аеродромот. Во февруари, Северна Кореја го претстави на медиумите, кога тој плачеше и јавно се извини што го украл плакатот, кој планирал да го однесе на пријател дома како „трофеј“.
Во средата, Врховниот суд на Кореја го осуди за „криминал против државата“ и доби 15 години принудна работа, казна по која Северна Кореја е озлогласена.
Вормбир не е првиот Американец осуден на затвор во Северна Кореја, но неговата казна е една од најголемите.
Извор: Mashable