Северна Кореја за заразата со Ковид-19 ги обвини балоните кои доаѓаат преку граница

Северна Кореја ја стави вината за заразата со Ковид-19 на балоните кои преку границата стигаат од Јужна Кореја, во очигледен обид да се обвини соседот за ширењето на вирусот.

Откако две години инсистираа дека во земјата не е регистриран ниту еден случај на заболен со вирусот, Северна Кореја призна дека се забележани првите инфекции на 12 мај, што предизвика загриженост за можна катастрофа по јавното здравје во сиромашната изолирана држава.

Според резултатите од истрагата, кои ги соопшти државниот медиум КЦНА, властите велат дека 18 годишен војник и 5-годишно дете биле првите два случаи на заразата со Ковид-19, кои почнале да покажуваат симптоми откако дошле во контакт со „необични предмети“ на рид во близина со границата со Јужна Кореја на почетокот на април.

„Висок раст на случаи со зголемена температура биле забележани кај нивните контакти и за првпат во тоа место се појавила група на луѓе со треска“, стои во извештајот од истрагата.

КЦНА ги предупреди граѓаните од „непознати објекти кои доаѓаат со ветерот или други временски феномени и балони во местата покрај границата“. Иако во новинскиот извештај не е спомната Јужна Кореја, активисти кои имаат пребегнато од Северна Кореја често користат балони за да испратат анти-владини пораки и хуманитарна помош преку границата која е силно обезбедена.

Денеска се регистрирани 4.570 нови случаи на лица кои имаат симптоми на покачена температура, со што вкупната бројка на заболени од вирусот достигна 4,74 милиони. Здравствените власти болеста ја карактеризираат како „симптоми на покачена температура“, наместо Ковид-19, најверојатно поради недостаток на тестови за вирусот. Земјата досега официјално известила за само 73 смртни случаи од вирусот.

„Тешко е да се верува во тврдењето на Северна Кореја, научно гледано, со оглед на тоа што можноста вирусот да се шири преку предмети е прилично мала“, објаснува Јанг Му-џин, професор на Универзитетот во Сеул.

Американскиот центар за контрола на заразни заболувања тврди дека ризикот на луѓето да се заразат преку контакт со контаминирана површина или предмети генерално се смета за низок, иако не и невозможен.

Властите во Северна Кореја ги одбија сите странски понуди за хуманитарна помош, вклучително и медицински средства и вакцини против коронавирусот.