Информацијата дека врховниот лидер на Северна Кореја Ким Јонг Ун наредил сите студенти во земјата да ја носат неговата фризура, по се изгледа не е точна. Повикувајќи се на сведочењата на луѓе кои во последно време ја посетиле Северна Кореја, светските медиуми јавуваат дека нема докази за бизарната наредба, што укажува на тоа дека приказната која пред неколку дена се рашири по Интернет е најверојатно невистинита.
Единствениот проблем со приказната дека властите во Пјонгјанг ги тераат студентите да се потстрижуваат како Ким е што нема докази дека е вистинита, пишува Ју-ес-еј тудеј. До сличен заклучок, од лице место во Пјонгјанг, дошла и агенцијата Асошиејтед прес.
Славната фризура на Ким Јонг Ун стана хит на Интернет поради неодамнешната информација на редакцијата на Радио Слободна Азија со седиште во Вашингтон дека секој студент во Пјонгјанг мора да се потстрижува на овој начин.
Радиото се повикува на неименувани извори, кои пак се повикале на усна директива на некој од раководството на севернокорејската Работничка партија. Меѓутоа, како што пишува АП, фризерите „не побрзале да ги наострат ножиците“, а познавачите на случувањата во Северна Кореја тврдат дека патката со фризурите е „најновата креативна и невистинита гласина“ од сиромашната и изолирана земја.
Владата во 2005 година водеше и кампања против долгокосите „нехигиенски, антисоцијалистички глупаци“ – „слепите следбеници на буржоаската мода“, на кои им било наредувано веднаш да се потстрижат во „социјалистички стил“.