Од 12 мај годинава ќе се воведе сезонска авиолинија Скопје-Сплит со хрватскиот национален авиопревозник, најави ТАВ Македонија.
Авионските карти, како што посочија тие, се веќе во продажба и може да се резервираат на веб-страницата на авиокомпанијата која ќе понуди 15% попуст од 15 до 21 март.
„Авиокомпанијата ќе лета меѓу главниот град на Северна Македонија и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12-ти мај до 14-ти октомври 2023 година. Во овој период, ‘Croatia Airlines’ ќе сообраќа со воздухоплов ‘Dash 8-Q400’, со капацитет од 76 седишта, два пати неделно, секој вторник и петок. Времето на пристигнување во Скопје ќе биде во 23:25 часот во вторник / 23:00 часот во петок, додека времето на заминување ќе биде во 5:45 часот, и во среда и во сабота. Времетраењето на летот меѓу Скопје и Сплит е околу 1 час и 25 минути“, соопштија од ТАВ Македонија.
Сплит ќе биде втората дестинација во Хрватска со која Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде поврзан. Хрватската национална авиокомпанија лета на релација Скопје–Загреб секој ден.