Ќе се унапредува законот за мерката субвенциониран студентски оброк, информира Министерството за образование и наука (МОН) по вчерашната средба со студентите.
На средбата на која присуствувале министерот Јетон Шаќири и претставници од студентските организации се дискутирало подобрувањето на законското решение со кое се предвидуваат средствата за студентскиот оброк.
Измените, како што информира МОН ќе се однесуваат на повеќе сегменти од законот. Имено, студентите правото на оброк ќе го користат од понеделник до петок, без ограничување на часовите. Исклучок е периодот од 1 јули до 14 септември кога корисниците немаат право на добивање паричен надоместок, како и во неработните денови и државни празници.
Дополнително на ова, се предлага непотрошените дневни средства да не се префрлаат за трошење следниот ден.
„Во иднина посебно одделение во МОН ќе работи исклучиво на прибирање и обработка на податоците и на остварувањето на правото на субвенциониран студентски оброк. Понатаму, ќе се дефинираат носителите на платен промет, односно тоа се банките со кои МОН ќе склучи нефинансиски договори за обезбедување соодветен број на картички за користење на субвенциониран студентски оброк и нивна персонализација, додека сметките на студентите би се воделе без надомест, а провизијата за трансакциите ќе ја плаќаат трговците“, соопштуваат од МОН.
Како даватели на услуги, ќе се одредат исклучиво правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна и се регистрирани во мрежата за трговци со соодветен код и истите ќе бидат евидентирани во регистар кој ќе го води МОН. Оттаму уверуваат дека ваквиот регистар ќе биде јавно објавен на веб страницата на министерството и ќе се ажурира на месечно ниво.
Од министерството велат дека се отворени за предлози од студентите со цел да се постигне најдобрата верзија на законот. Оттаму додаваат дека вчера почнала да се реализира исплатата на средствата за оброк на сите студенти кои аплицирале и ги исполниле условите за остварување на правото. Студентите треба да добијат средства за два и пол месеци, односно за половина септември и за октомври и ноември.