Во буџетот на МОН за следната година предвидeни се повеќе пари за ангажирање образовни асистенти кои им помагаат на учениците со попреченост во совладување на наставната материја и училишните обврски. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на вчерашната посета на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, пренесе Мета.мк.
„Секој што ќе побара образовен асистент за своето дете и ќе ги исполни законските услови, ќе излеземе во пресрет и ќе ги задоволиме сите потреби по овој основ“, кажа Шаќири.
Тој истакна дека сите деца мора да имаат подеднаков пристап до квалитетно образование.
„Покрај континуираните обуки за наставниот кадар во редовните училишта, набавката на нагледни средства и помагала, доделувањето на стипендии и слично, следната година ќе ја зголемиме и поддршката во форма на образовна асистенција за учениците со попреченост, која повеќе не е товар на родителите и старателите, туку обврска на државата“, рече тој.
Оваа учебна година бројот на ангажирани образовни асистенти во редовните основни училишта е 720, односно за 220 повеќе од минатата година.