Шанса за Центар: Итно да запре изградбата на улицата „9 Мај“ пред да настане поголема несреќа

Продолжува хаосот на улицата „9 Мај“ каде инвеститор си гради како сака и покрај забраните. Повлекол дел од улицата, а штета веќе има и на околните објекти според фотографии кои ни ги доставија граѓани од соседните подрумски простории, реагираат од иницијативата Шанса за Центар, откако претходно пропадна дел од улицата позади Универзалната сала поради градежните работи за изградба на нова зграда.

Шанса за Центар бара Министерството за внатрешни работи итно да реагира и да го запре, како што велат, ова загрозување на општата безбедност пред да настане поголема штета или несреќа.

„Инспекторат на Општина Центар да го запре градењето и во рамки на овластувањата да почне постапка за поништување на градежната дозвола. Овој инвеститор и градежната компанија не треба да имаат право за било какви зафати на територија на Општина Центар“, велат од Шанса за Центар.

Тие ова го карактеризираат како „класично дивеење на поединци кога институциите се толку ослабени“.

Инаку, СДК објави дека откако пропадна дел од улицата „9 Мај“ од градилиштето за зградата, блокирана е пола улица, зашто е заградена со лимени тараби. Делот од улицата кој е влезен во градилиштето е пропаднат и земјата под асфалтот се свлекува.