Општина Центар во 2015 година воведе зона за смирен сообраќај во Дебар Маало. Но, во меѓувреме општината ја загубила институционалната меморија и заборавила како спровела и дали воопшто е надлежна да воведува зони на смирен сообраќај на улиците под нејзина надлежност, реагираат од иницијативата Шанса за Центар.
Од таму посочуваат дека целата дискусија на последната седница на Советот се движела околу убедувања за надлежност на општината, или пак на МВР и дали предлогот на Шанса за зони на смирен сообраќај низ Центар е соодветно и до запирка точно срочен.
„Така предлогот не беше прифатен на дневен ред за завчерашната седница. Скептичните колеги бараа, па се согласивме да го повлечеме за да се разгледува уште еднаш на комисиска седница за да се утврди дали сме надлежни… А предлогот беше доставен 7 дена пред седницата, но стручните служби не стигнаа да утврдат надлежност, ниту да ги најдат примерите во архива од 2015 кога Центар несомнено била надлежна!“, соопштуваат од Центар.
Деновиве, велат тие, повторно ќе се обидат да ја освежат институционалната меморија на Општина Центар.
„Системски промени за сообраќајна безбедност! Безбедни улици за сите учесници! Акција веднаш, пред да биде предоцна! Шанса за безбеден град. Шанса за Центар“, велат од иницијативата.