Шанса за Центар информира дека на 8-та седница на Советот на Општина Центар, во вторникот усвоиле идеја на иницијативата НаТочак. Со одлуката се воведува обврска во проектите за нови објекти за кои се бараат градежни дозволи да мора да се предвидат и паркинзи за велосипеди.
„На новите станбени објекти на секои 3 паркинг места за возила треба да има 2 паркинг места за велосипеди. Кај објектите кои не се наменети за домување, а имаат над 5 паркинг места, треба да има по едно паркинг место за велосипед на секое паркинг место за автомобил“, велат од Шанса за Центар.
Според одлуката, велосипедските паркинзи треба да се предвидат во основните проекти со кои се бара издавање на градежни дозволи за нови објекти.
„Од вкупниот број паркинг места за велосипеди минимум 50% треба да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија.Важно е да го следиме спроведувањето на оваа одлука во реалноста, за да биде вистински реализирана и применувана“, соопштува иницијативата.