Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство од 66 гласови го донесоа Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Со изгласувањето на овој закон, земјава го доби четвртиот национален парк, по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на земјава.
„Со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности“, вели министерот Насер Нуредини.
Тој посочи дека она што е најважно е дека со ваквиот чекор, меѓудругото, се отвора нова страница и нови можности не само за заштита на природното наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата и воспоставување на поширока прекугранична соработка.
Истовремено, тој истакна дека ова е голем чекор со кој се обезбедиле големи придобивки за сите.