„Шарла“ го објави изданието „Снег“ – музика на Давид Ангелевски од истоимената претстава

Музиката на Давид Ангелевски за театарската претстава „Снег“ се вброи меѓу изданијата на независниот издавач „Шарла“.

Се работи за претстава според истоимената новела на Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска. Претставата е продукција на независната театарска група „Штрих“, премиерно поставена на 12 ноевмври 2024 година во МКЦ – Скопје.

Од претставата се произлезени осум теми, што сега се спакувани како прво издание на „Шарла“ за оваа 2025 година. „Снег“ може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп.

Музиката е целосно на Давид Ангелевски, а фотографијата за омотот е дело на Ненад Тонкин.

***

Во продолжение во целост го пренесуваме текстот од режисерката Зоја Бузалковска, која го придружува изданието:

За јапонската култура македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасниот краток роман „Снег“ (1999) е дело на францускиот автор Максанс Фермин, а не на некој јапонски писател или драмски автор, тој во себе ја содржи срцевината на јапонската историја, традиција и култура од крајот на XIX век. Тој нè носи во Меиџи ерата, допирајќи го светот на самураите и бушидото, светот на шинтоизмот, светот на јапонската уметност преку хаику поезијата, калиграфијата, музиката, танцот и сликарството, светот на мачата и на чајните церемонии… Освен тоа, тој е роман-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот, што Меиџи ерата и го подразбира.

Кога првпат ќе се прочита „Снег“, веднаш станува јасно дека тоа е текст, од кој ќе се роди претстава со амбиентален карактер, блиску до некаков поетски театар, високо естетизиран и стилизиран, а од друга страна, едноставен, топол и лесно приемлив и читлив.
Како прво, „Снег“ зборува за поезија – јапонската форма хаику. Прекрасна мала, едноставна форма, сочинета од само седумнаесет слога, но кои кажуваат многу. Во хаикуто има и поезија и сликарство и танц и музика и калиграфија;

Како второ, „Снег“ зборува за снегот. Јуко Акита, младиот хаику-поет токму во снегот и во неговата белина ја наоѓа својата инспирација за пишување;

Како трето, „Снег“ зборува за љубовта. Онаа чистата љубов, која останува во ковчегот од мраз во сенката на глечерот, за да им пркоси на времето и на минливоста;
И на крајот или пак на самиот почеток, „Снег“ зборува за самопотрагата, за истрајноста и за важноста на слушањето на сопствениот внатрешен глас во донесувањето на најважните и најголемите животни одлуки.

Ова е една нежна приказна за себепотрагата и за љубовта и претставата мора да ја носи во себе таа нежност. Нежно, нежно, на таа нежност никако не сакав да заборавам.
Во својот поговор на изданието на овој роман на македонски јазик за издавачката куќа „Или-Или“, Владимир Мартиновски ќе напише:„…Спокојно оцртувајќи ја патеката на духовното и уметничкото созревање на хаику -поетот Јуко Акита, „Снег“ е еден вид современа бајка за самопотрагата и тајните на уметничката креација. Со медитативна интонација, „Снег“ раскажува иницијациска сказна за сложената, а сепак крајно едноставна интерференција меѓу животот и уметноста“.

Со оглед на тоа што „Снег“ се занимава со Јапонија во 19 век, иницира барање театарски решенија силно врзани со јапонската традиција и култура од тоа време. Кога го замислував „Снег“ на сцена, мислев дека во претставата мора да има тишина, бавност, ритуалност во движењата, дејствата, зборувањето, специфики во актерската игра блиски на јапонските културолошки особености, посебен костим (кимона и хаками со западни елементи), посебни бои во просторот за игра – како свила, како боја на пергамент од свила, темно-кафеаво дрво и светло-крем лизгачки врати низ кои се отвора светот на поетот, неговите кревки и нежни парчиња пергамент испишани со белина од снег. Имаше тука уште и саке, чај, специфично седење, специфично одење, боси нозе…

Но „Снег“ е и танц со природата. Како се поставува тоа на сцена? Сребрена река која тече низ снегот… Вејавици по планинските сртови… Вода. Планини и глечери, снег и мраз, ковчег од мраз, јаже распнато помеѓу два снежни планински врвови по кои чекори нестварно убавата французинка Неж…

Работата на еден ваков материјал беше огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбираше истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна.

Адаптацијата на романот на сцена не беше лесна задача. Од друга страна, тој е неверојатно податен за ваква авантура, зашто има фантастично редуциран дијалог, потенцијал за монолошки форми, колективно раскажување ситуации и приказни, пеење, одигрување на сликовито опишани животни ситуации.

Каде е музиката во една претстава со нагласена амбиенталност? Каква е таа? Како звучи белината на снегот, допирот на снегулката со нежната кожа на лицето? Кој е инструментот кој најточно ќе ја раскаже осамата во тишината на планинските врвови? Како човек музички го открива својот ангел? Како да се отсвири љубовта закопана во снегот, години подоцна пронајдена во стаклениот ковчег од мраз? Како да се компонира тема за нестварната убавина? Во која точка музички да се спојат нежноста и строгоста, слободата на одење по јаже над провалија и почитувањето на кодексот на бушидото? Која е музиката во душата на самурајот, додека ѝ гледа на смртта в очи? Каде се препознаваат рамнодушноста кон умирањето и страсното предизвикување на животот? Како да се обои преку музиката белината на совршените хаику стихови? Како звучат потезите со четка на слепиот сликар, додека го слика портретот на својата изгубена љубов? Каде да се побара мелодијата на чајната церемонија и на шинтоизмот? Каква е хармонијата на нежноста? Како се зацелува и во кој музички акцент се раѓа новата љубов?

Тие прашања си ги поставував пред да почнам со пробите, а подготвувајќи се за разговорите со Давид Ангелевски за музиката во претставата. Тие прашања си ги поставувавме и заедно, гласно, во време на пробите или потоа, инспирирани од нов аспект што сме успеале да го отвориме, нов дел од амбиентот кој го создал елемент од сценографијата, нов костим кој се појавил на пробата или нов актерски проблесок или пробив, кој станал нова инспирација.

Кога, обично, зборуваме за музиката во претставата (ова ни е трета соработка), кога се допишуваме и кога почнува да ми ги испраќа првите верзии на композициите за претставата, Давид нешто ветува или објаснува што сакал да направи. Па така, во време на пробите на „Снег“, во еден свој мејл, со кој ми испрати некои теми, ми напиша: „Во принцип, инсистирав на тоа јапонскиот музички став да биде автентичен т.е. со силни музички акценти, динамика, строгост и драматичност, наспроти романтичниот и нежен карактер на европскиот принцип кој го носи Неж (француска одачка по јаже) и музичката подлога што ја следи… Најбитно ми беше музиката да ја акцентира дихотомијата помеѓу источниот и западниот аспект во своите екстреми, а во контекст на приказната, се разбира“.

Според Мартиновски, „на стилско рамниште, „Снег“ е чист како снег, мошне тешко е да се најде и еден излишен збор… Нарацијата тече ненаметливо, сосема природно, грациозно и со поразувачка едноставност, како снегулка која танцува во воздухот. Токму поради елегантноста и прочистеноста во изразот, „Снег“ се чита/се слуша како мала рапсодија во бело…“ А мене, ете, ми се допаѓа тоа. Можеби претставата „Снег“, со сето ова претходно и со музиката на Давид Ангелевски, жанровски и може да се одреди како „мала рапсодија во бело“.