„Шарла“ го одбележа 100. издание со компилацијата „100 врати отворени“

„Шарла: 100 врати отворени“ е делумно ретроспективна музичка компилација по повод 100 изданија на независниот музички издавач „Шарла Рекордс“ (Sharla records).

Од лабелот велат дека компилацијата претставува само мал дел од издавачкиот опус на „Шарла“, а критериумот за избор е направен давајќи им предност на вокални композиции изведени на македонски јазик.

„Фокусот на изданието е лирскиот и раскажувачки аспект како своевиден запис за времето и просторот во кое се случуваше издавачката авантура на Шарла во периодот од 11 години од своето постоење. Вториот критериум е во стилското и жанровско шаренило од кое е исткаен овој колективен музички запис и природниот тек на надоврзување кое треба да го има како секој добар мозаик. Тоа впрочем суштински ги одразува идејата и концептот позади ‘Шарла’. Со други зборови, некои композиции можеби не го претставуваат ‘најдоброто’ од некој автор, но најдобро се вклопуваат во приказната која оваа компилација сака да ја раскаже со својот инхерентен музички јазик и израз. Повеќето од овие теми имаат свој ‘дом’ во смисла дека се извлечени од соодветни албумски или ЕР остварувања, па секој што е заинтересиран може истите да ги пронајде нурнувајќи во издавачкиот опус од овие 100 изданија. По пат можеби ќе открие и некое ново омилено парче за себе. Уживајте:)“, стои како информација за изданието на Бендкемп.

Дополнително, издавачот пишува дека „Сокриј го своето злато“ е фразата што постојано им се повторува на скромните, дребни души полни со разни скапоцености. „Не фрлај бисери пред свињи“ е втората.

„’Шарла’ ги собираше своите бисери скришно, на маргините на македонската култура, еден по еден. Трпеливо чекаше да се отвораат душичките полни со музика, една по една, и оп, бисерчето. Едно по едно. Дојде време да ги покаже, да ги наниже во ѓердан и да ги нареди на своето блескаво деколте. Четиринаесет песни се пред вас, драги. После 11 години и точно 100 изданија, исцедивме една драгоцена музичка есенција директно од животот и времето полни со невреме и апсурд. Песни живи споменици, шарени кога не се сиви, полни со страст и нежност, фантазија и револт, оти само така може да дознаеме дали сè уште сме луѓе или машини. Љубов и отпор, секогаш. Освен кога треба своеволно да се предадеме на една мала, невина и драгоцена – вишок реалност. Таму живеат партнерите и партнерките на Шарла, некаде над копното од конфликт, гнев и страв, во слободниот етер обликуван како чиста музичка фантазмагорија – слатка измама на реалното, а сепак реално. Оти, за тоа што е реалност, сами одлучуваме, така?“, пишува во инфото за компилацијата.

Идејата и музичкиот избор е на Давид Ангелевски. Фотографијата за омот е на Јелена Милоханич, а модел – Марија Вескова. Реализација на омот: Давид Ангелевски.