„Како што и најавивме, тргнуваме во зачестени музички средби со напредното граџанство. Поводот е јасен и радосен – десет години низ орбитите на македонската музичка (и не само музичка) паралелна стварност. Скромно, без галама и без ничија финансиска поддршка, подготвивме серија од неколку настани со различни содржини и на различни локации под еден наслов, „Шарла“ – 10 лета околу“.
Вака стои во најавата на независната издавачка куќа „Шарла“ за концертот на Димитра, кој ќе се одржи утре (23 јуни) од 21 часот во скопската кафе-книжарница „Буква“.
„Почнуваме со нашата битолска друшка Димитра, чиј албум ‘Работ на акција‘ така млад, а веќе започна да ги собира симпатиите на публиката наоколу. Не дека беше неочекувано, со оглед дека претходниот ѝ – Мак мрак LP лесно ги запоседна годишните топ листи на најдобри албумски остварувања во регионот (на една од нив го ‘совлада’ и легендарниот Дарко Рундек – и тоа на негов терен:). Како и да е, ова чудесно чупе во петок ќе ни помогне да разбериме некои работи за живото и свето барем онака како што се рефлектираат во нејзините ум и срце – и низ музика.
Ќе го изведе во живо целиот материјал од ‘Работ на акција’ и ќе ви подаде рака на музичко пријателство онака како што тоа го прави на веќе пет музички изданија позади себе. Ќе се согласите дека тоа е доволна количина младост и искуство за да ѝ се препуштите на оваа акција. Притоа, во прекрасниот амбиент на дворот на Буква ќе можете да си набавите тазе јубилеен Шарла merch пригодно подготвен за оваа прилика – маици, беџеви, плакати, CD изданија и музички прегратки во вид на песни од артистите и бендовите на Шарла. Дојдете и да наздравиме..оти шарлавечува – 10 години“, се вели во соопштението на „Шарла“ за настанот.