Шарпланинецот Дичо – прв македонски светски шампион

Рано, на изгрејсонце едно ноемвриско, сончево утро се упативме да го запознаеме светскиот шампион – шарпланинецот Дичо. Веста дека пет и пол години возрасниот шарпланинец Дичо од прилепската одгледувачница „Каравилоски“ на светскиот шампионат во Лајпциг од 9 до 12 ноември ја понесе титулат првак во светот, ја разбуди љубопитноста да го запознаеме ова исклучително куче. Примерок на раса – гордост од македонските краишта.

Сопственикот Владо Каравилоски гостопримливо ја отвори портата на периферијата на Прилеп, на која стои – внимавај куче. Нашата воздржаност со насмевка ја избриша: – Не плашете се, Дичо е достоинствен, воспитан, културен.

И навистина, пред нас е прекрасен примерок на млад шарпланинец. Висок 70 ина сантиметри, со графитно крзно ишаран со бело, Дичо не пречека мирно, чиниш љубезно. Навистина е достоинствен, исправен, сака да позира. Како на изложба, небаре е свесен дека има голема титула – шампионска. Набрзо дознаваме дека Дичо е навикнат на титулите и меѓународните и домашни признанија.

Сопственикот Владо веднаш ја почнува приказната за Дичо. Прво, за неодамнешните впечатоци од светското првенство во Лајпциг.

– Дичо е актуелен светски првак во својата раса. Титулата ја доби на меѓународната изложба во Лајпциг, Германија, организирана од Светската кинолошка федерација. Во конкуренцијата беа 30 врвни прваци-шарпланинци од повеќе земји, а на изложбата учествуваа 30 000 кучиња од цел свет. Во класата на шампиони освои CAC, освои CACIB во сите мажјаци, и од сите кучиња, мажјаци и женки и ветерани, ја освои титулата првак на расата. Со тоа се здоби со титулата светски првак. И ова е првиот македонски шарпланинец што станал светски првак. Претходно, во 2015 година, од нашата одгледувачница имавме женка светски првак, од изложбата во Милано, но таа беше млад светски првак. Дичо е првиот со ваква титула, гордо објаснува Владо Каравилоски, додавајќи дека чувството е немерливо, прекрасно – шампионско.

Сето време, шарпланинецот Дичо мирно го следи разговорот. Не „издушка“ за да не запознае и остана мирен и достоинствен во текот на целата средба. Дичо има импресивна биографија.

– Има победувано на бројни изложби во Македонија, Србија, во Грција. Во 2013 година во Женева стана млад европски победник, европски првак стана и во Брно, Чешка во 2015 година, двапати е клупски победник во Македонија, еднаш светски клупски шампион,

Дичо, вели сопственикот Владо е од мајка и татко, исто од прилепската одгледувачница Од мал е трениран, правилно воспитуван и одгледуван. Владо преку 20 години ја носи љубовта кон кучињата, особено кон шарпланинците. Веднаш се наметна прашањето – Зошто?

– Околу 20 години одгледувам кучиња. Само од љубов ипосветеност. А зошто токму шарпланинците? – Ми се допаѓаат како изгледаат. Нивниот карактер е прекрасен. Тие се кучиња кои, доколку им се обрне внимание колку што треба, не им треба некоја особена дресура, мнпгу се интелигентни и се прекрасни чувари. Не многу тешко да се одгледува шарпланинец. Секако, не е „салонбско“ куче, потребен е простор и не е многу изеслив наспроти мислењето дека не можеш да го навасаш за јадење. Се е до љубовта и посветеноста, со задоволство објаснува Каравилоски.

Шарпланинецот се уште во меѓународни рамки има „двоен пасош“.

– Шарпланинецот се уште се води како југословенски овчарски пес со двојна матичност – Македонија и Србија. Има многу кучиња со двојна матичност и тоа не е ништо ново. Но, статусот е тој, вели Владо.

Секојдневните обврски со Дичо не се големи, ако се сака, се разбира. Му требаат секојдневните прошетки да ја избие енергијата што ја има.

– Како член на семејството е и затоа, кога љубовта е во прашање ништо не е тешко . На Дичо му е потребна и ринг-дресура, да знае да се однесува на изложби, да се покажува, да го извлече максимумот пред судијата, објаснува Владо Каравилоски, напоменувајќи дека Дичо е веќе горд татко на околу 200 потомци. Неговите „деца“ се низ Македонија, во Србија и во неколку европски земји. Негов син во Чешка веќе освојува награди и признанија.

– Еве, не затекнавте во подготовките за нова изложба – Светска клубска изложба на шарпланинци во Скопје. Таму ќе ја носиме едногодишната внука на Дичо, Бафи. Веќе е вистинска шампионка на дедо си, низ смеа вели Владо Каравилоски кој поради љубовта кон кучињата станал ветеринар. Сега е со одгледувачницата која се наоѓа во Коњари, Прилепско. Има 20-ина единки- шарпланинци.

Ги напуштаме шарпланинецот Дичо и неговиот сопственик Владо Каравилоски да ја завршат утринската прошетка и да го споделат меѓусебото внимание. Одгледувањето и чувањето кучиња се сериозна обврска, но штом се работи со љубов не се сфаќа само како обврска, туку тоа е задовоство и убаво поминати часови со човековиот најдобар пријател, додава на заминување Каравилоски, сопственикот на првиот македонски светски шампион – шарпланинецот Дичо.

МИА