„Шчо требит да праиме за однапред“ – охриѓанец со куп предлози за идните советници и градоначалник

Младински културен центар воден од непартиски млади лица, изградба на мултифункционална сала за културни настани, градска галерија во објектите кои се државна или општинска сопственост, креирање зелен катастар, форсирање обновливи извори на енергија.

Ова се само неколку од предлозите на охриѓанецот Владимир Трајановски испишани во публикација на 50 страни и поделени во категории, кои тој ги предлага до идните советници и градоначалник.

„Имајќи предвид дека некои круцијални работи и проекти ги нема во ниедна предизборна програма, во ниедно промотивно видео или излагање пред јавноста, не само на овие локални избори, туку и претходно, решив да направам еден сублимат од нештата кои му се потребни на Охрид, ако тргнеме од неговата историска важност, како културен и просветителски центар, дом на многу цивилизации, како регион од особено значење како светско природно наследство“, пишува во публикацијата.

Трајановски вели дека овие локални избори во Охрид немало големи промени во пристапот на кандидатите, и додава дека се користеле „рециклирани“ проекти и предлози од претходните изборни циклуси, или пак отсуствувала програма.

„Сметам дека скоро ниедна опција не понуди суштински проекти, односно не беа опфатени многу сегменти од општественото живеење. Поради тоа, решив да направам еден сублимат и да го понудам визуелно прво преку Вашиот медиумски простор, а штом се ажурира општинската интернет страница, и директно на новите советници и градоначалникот“, објаснува тој.

Целата публикација на Трајановски е достапна на следниов ЛИНК.