Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, упати критика за големите профити кои ги прават нафтените и гасни компании, кои според него се на грбот на најсиромашните луѓе на светот.
Гутереш вели дека кризата е предизвикана од руската инвазија врз Украина и ги повика владите низ светот да ги оданочуваат овие големи профити на компаниите.
„Вистината е дека ги гледаме овие прекумерни, дрски профити од нафтените и гасни индустрии во време кога сите ние губиме пари. Неморално е овие компании да прават рекордни профити од оваа енергетска криза на грбот на најсиромашните луѓе и заедници, со огромни последици по климата“, рече Гутереш на пресконференција на која го објави третиот извештај на ОН за глобалните последици од руската инвазија врз Украина.
„Затоа ги повикувам сите влади да ги даночат овие прекумерни профити и тие средства да ги искористат за поддршка на најранливите во овие тешки времиња“, додаде шефот на ОН, посочувајќи дека таквите потези дефинитивно ќе бидат популарни кај граѓаните.
Според неговите проценки, само во првиот квартал од 2022 година, големите нафтени и компании за производство на гас направиле околу 100 милијарди долари профит. Со растот на цената на горивата и гасот, фирмите како „БП“, „ЕксонМобајл“, „Шел“ и „ТоталЕнерџис“ најавија големи профити и во вториот квартал од годинава.
„Оваа срамна алчност ги казнува најсиромашните и најранливите, додека истовремено го уништува нашиот заеднички дом – Планетата“, истакна Гутереш.
Според извештајот на ОН до крајот на 2022 година 354 милиони луѓе во 82 земји од светот може да имаат недостиг на храна, што е зголемување од 47 милиони луѓе, како последица на војната.